Реновирано депото на МСУ, ќе се реконципира постојаната музејска поставка

Од:

Музејот на современа уметност до крајот на годинава ќе ја реконципира постојаната поставка во која ќе бидат изложени нови дела и поголем број отколку сега претставените над 300 дела. Постојаната поставка е во делот на МСУ кој беше реновиран пред две и пол години.

Реновирањето на просторот со над 1.500 метри квадратни беше меѓу капиталните инвестиции на Министерството за култура. Покрај главната галерија со постојаната поставка, во две други галерии во Музејот ќе се организираат повремени и гостувачки изложби, активности за промовирање млади уметници.

Неодамна заврши и реновирањето на депото, што беше дел од владиниот проект за реновирање на депоата во сите музејски институции.  Во депото на МСУ се сместени најголем дел од делата што ги поседува, а се работи за богата збирка од речиси 5.100 уметнички слики, графики, скулптури.

– Со отворањето на новиот дел пред две и пол години, се овозможи да се отвори постојаната поставка во која се изложени 313 дела. Тие се наоѓаа во депо, а сега се пред очите на домашната и на странската јавност. Од тогаш, во овие две и пол години, постојаната поставка ја виделе над 15.000 посетители. Завршен е и проектот за целосно  реновирање на депото на МСУ. Депото е по сите светски стандарди, архивиран е и среден целокупниот фонд што го поседува музејот, изјави министерката Елизабета Канческа-Милевска која денеска ја посети оваа национална установа.

Таа истакна дека покрај реновирањето на галерискиот простор и депото на музејот, Министерството за култура се грижи и за збогатување на неговиот фонд преку стимулативната мерка откуп на ликовни дела и скулптури од галериски формат. Од вкупно 113 откупени дела на досегашните два конкурса, 33 се наменети за збирката на МСУ. Овој месец ќе биде распишан и третиот конкурс за откуп на уметнички дела.

Новиот директор на МСУ Лазе Трипков е задоволен од постојаната поддршка која МСУ ја добива од ресорното министерство и соопшти дека со Канческа-Милевска разговарал за идните насоки и активности на институцијата.

– Идејата е музејот на биде отворен, односно во своевидна рамка да го задржи концептот на делување, меѓутоа да се предвидат соодветни активности коишто ќе го отворат повторно музејот за публиката. Многу ми е драго што со поддршка на Министерството за култура минатата година успеавме да го реализираме Биеналето за млади, рече Трипков. Додаде дека концептот на новиот формат на музејот ќе биде промовиран на 26 мај со отворање на изложбата на Кристина Пулејкова, првонаградена на Биеналето на млади.

Тој ја најави и изложбата на Демијан Хрст, еден од најзначајните современи уметници, која на 22 јуни ќе биде отворена во МСУ во соработка со Националната галерија на Македонија, Министерството за култура и Британскиот совет во Скопје. Во септември, пак, во МСУ ќе биде поставена голема ретроспективна изложба на доајенот на македонската уметност Петар Хаџи Бошков.

Директорот на МСУ посочи и на проектот за дигитализација кој почна во 2008 година, со кој репрезентативните дела на МСУ стануваат достапни не само за домашната, туку и за странската јавност. – Сите дела кои ги поседува музејот веќе се дигитализирани во многу висока резолуција и формат. Тоа е, исто така, грижа за нашето културно наследство. Со развојот на технологијата овозможуваме музејот да го доближиме до секој граѓанин, не само во нашата држава, туку и интернационално, додаде Трипков.

Би можело да ве интересира

Турскиот музеј прогласен за најдобар во светот

Врв на стрела од бронзеното време направен од материјал кој не е од оваа планета

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Тенкови и хеликоптери „војуваат“ во Црвеното Море, фронтот на дното е покриен со корали

Со изложба одбележан Денот на музеите во Штип

Ана Ололовска

Бесплатен влез во МСУ – Скопје по повод Светскиот ден на културното наследство

Ана Ололовска

Бесплатен влез во музеите и археолошките локалитети

Ана Ололовска