Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во чест на големиот христијански празник, Христовото Воскренесие – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, до претставниците на МПЦ – ОА и до сите граѓани кои денеска празнуваат.
„Ви го честитам од срце големиот христијански празник, Христовото Воскресение – Велигден, во име на Социјалдемократскиот сојуз и во мое име. Денеска, на овој голем ден, кога повеќе од вообичаено сме отворени за духовните вредности, почувствувајте, се случува Воскресение на слободата! Тоа е нашиот заеднички благослов за храброста, за определеноста, за трпението, за мудроста, за цврстината со коишто го препознавме и го одвоивме доброто од злото“, вели Заев во честитката.
„На човекот му е дадено да допре до тој благослов низ болните животни искушенија, за да ја зајакне слободната волја, чесноста и искреноста како должности со кои се родил. Ние самите посакавме Вистина. И добивме светлината, спасителка на вистината. Посакавме Правда. И доаѓа правдата што ги кине ланците на злото. Ги ослободува чесните скромни трпеливи граѓани кои секојдневно, во се поголем број ја исполнуваат единствени и обединети. Да продолжиме заедно, со индивидуален духовен мир, во добро здравје, кон нашата заедничка среќа“, додава Заев во честитката по повод Велигден.