Обвинителката Фатеме Фетаи во воведниот дел деталите од предмет Космос за кој сега веќе аболицирани политичари, од одмазнички причини нанеле огромна штета со рушење на комплексот Космос на Фиат Цаневски, ги кажа овојпат на српски јазик. Презентирајќи смс комуникација на актерите во уривањето на “Космос“ Фатиме Фетаи порача дека не постои совршен злостор.
од прибраниот доказен материјал, произлезе основано сомнение дека во временскиот период од 01.05.2011 година до 17.08.2011 година, во Скопје, тогашниот Претседател на Владата на РМ и Претседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот Министер за транспорт и врски во Владата на РМ, кои со Одлука бр.08-523/1 од 12.04.2016 г. на Претседателот на Република Македонија се помилувани-ослободени од кривично гонење, заеднички, со цел да му се одмаздат на оштетениот Фијат Цановски за неговата политичка одлука кој како претседател на политичката партија ПЕИ, ја напуштил коалицијата со политичката партијата ВМРО-ДПМНЕ и склучил коалиција со опозициската политичка партија СДСМ, искористувајќи ја нивната политичка моќ со умисла го поттикнале да стори кривично дело Градоначалникот на општина Гази Баба, кандидиран од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и кој исто така со Одлука бр.08-523/1 од 12.04.2016 г. на Претседателот на Република Македонија е помилуван-ослободен од кривично гонење, да тој ја искористи својата службена положба и да најде начин да незаконски го сруши станбено-деловниот објект Космос, што бил граден од оштетениот-инвеститорот ТД ФИНЕ ДОО Скопје и изведувачот КОСМОС ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ Скопје, трговски друштва каде сопственик е оштетениот Фијат Цаноски, рече Фетаи.
Градоначалникот го прифатил налогот и искористувајќи ја својата функција, положба и надреденост ја повикал првоосомничената, службено лице-овластен градежен инспектор во Сектор за инспекциски работи во Одделение за урбанистичко градежна инспекција во Општина Гази Баба и и кажал дека од врвот на партијата ВМРО-ДПМНЕ побарале да се најде начин незаконски да го сруши објектот.
Таа се согласила со тоа и свесна за последиците и штетата што може да настане од нејзините дејствија, како овластен градежен инспектор со искористување на својата службена положба и овластување, во општина Гази Баба во Скопје во населбата Ќерамидница на ул.Перо Наков бр.94, постапила спротивно чл.47 т.4 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и чл. 134 т.4 од Законот за градење.
Истата за да ја реализира постапката за рушење на станбено-деловниот објект “Космос”, направила мерење на максималната височина на нултата плоча на градбата, без да постојат законски услови за мерење на таа височина и тоа без да биде изграден заштитен тротоар на градбата од страна на пристапната улица “8” на објектот во однос на кој требало да се врши мерењето.
Притоа составила Записник за констатација каде навела дека целиот објект се изведувал спротивно на Основниот проект, односно повисоко за висинска разлика од 1,43 метри, по што веднаш донела и незаконито Решение за отстранување на градба, со кое наредила на инвеститорот ТД ФИНЕ ДОО Скопје во рок од 5 дена по приемот на решението да ја отстрани градбата, затоа што целиот објект наводно се градел спротивно на заверениот Основен проект и спротивно на Одобрението за градење.
Фактот дека осомничената постапила незаконски произлегува од изготвеното вештачење од Архитектонски факултет Скопје, кое е направено во текот на предистражната постапка.
Потоа, донела Заклучок за дозвола на извршување, со кој му наредила на оштетениот-инвеститорот ТД ФИНЕ ДОО Скопје да ја отстрани градбата во рок од три дена или да го допушти присилното административно извршување на Решението за отстранување на градбата, и веќе на 01.08.2011 година пристапила кон присилно извршување преку класично машинско рушење на станбено-деловниот објект Космос и тоа на дотогаш изградениот дел од објектот.
Сепак и покрај тоа што инвеститорот ТД ФИНЕ ДОО Скопје на 05.08.2011 г. и доставил стручно мислење од Архитектонски факултет Скопје, во кое било наведено дека донесените одлуки од нејзина страна се незаконски, таа го игнорирала тоа и продолжиле со уривањето.
Меѓутоа, динамиката на уривање не одела во прилог на замисленото од страна на Претседателот на Владата и Министерот за транспорт и истите повторно дале налог или го поттикнале градоначалникот да во најкраток можен рок го сруши објектот Космос со експлозив.
Не се водело сметка, дека е временски невозможно за тој период да се спроведе законита јавна набавка за рушење со експлозив, тој дел од законот, едноставно не ги интересирал, па, градоначалникот, како службено лице со искористување на службената положба и овластување постапил спротивно на чл.99 ст.1 т.1 ал.3 од Законот за јавните набавки, и при вршење на јавни набавки нанесена е значителна имотна штета на општина Гази Баба во износ од 2.999.560 денари, меѓутоа поради помилувањето истиот не е опфатен во истрагата.
Имено, иако општината застапувана од градоначалникот претходно имала склучено договор од 17.05.2011 година со фирмата Трансмет ДОО Скопје за отстранување на градби и рушењето требало во целост да го изврши фирмата Трансмет ДОО, вклучително и за објектот Космос и иако немало потреба од итна постапка, со преговарање без објавување на оглас за јавна набавка на услуга за рушење на објектот Космос, истиот, за да ги задоволи барањата на премиерот и министерот прифатил по налог на министерот, раководител на целата работа околу рушењето со експлозив да биде сега починатиот Ф И.
Ова лице, посредувало и договорило средба со сведокот МВ и, заедно со градоначалникот договориле да учествуваат во постапката за јавни набавки фирмите Декатам трејд каде сопственик бил сега починатиот и фирмата Интерижењеринг комерц, каде сопственик бил сведокот МВ, како и фирмата Три М изградба каде управител била ќерката на сведокот МВ.
При ова незаконско договарање градоначалникот им кажал дека вредноста на договорот за јавна набавка е до 3.000.000 денари и да се вклопат понудите до тој износ, па одлучиле да општината им побара на овие три фирми да достават понуди во постапката без да објавува оглас и договориле работата да ја добие фирмата Три М изградба, иако не била регистрирана за дејност Уривање и немала лиценца за уривање со експлозивни материи.
Веднаш потоа Градоначалникот донел Одлука за утврдување на потреба од јавна набавка, а при спроведување на постапката за јавната набавка заеднички второ, трето и четвртоосомничените – службени лица членови на комисијата за јавни набавки во општина Гази Баба со искористување на своите службени положби и овластувања, поттикнати со умисла од Градоначалникот, овозможиле да на незаконски начин се спроведе постапката за јавна набавка.
И покрај фактот што понудата на економскиот оператор Три М изградба не ги содржела сите потребни прилози согласно тендерската документација, составиле Записник од отворање на понуди од постапката со преговарање без објавување на оглас со лажна содржина како да се исполнети условите за личната, економско финансиската и професионално-техничката способност и спротивно на условите предвидени од тендерската документација ја прифатиле понудата за евалуација.
Потоа осомничените членови на комисијата за јавни набавки составиле и Извештај од спроведена постапка со невистинита содржина дека понудата на Три М изградба била комплетна во поглед на исполнување на личната, економско-финасиската и техничко-технолошката способност, кој што извештај и не е направен на пропишаниот образец објавен во Службен весник на Република Македонија бр.155 од 02.12.2010 г.
Потоа градоначалникот на 12.08.2011 склучил договор со фирмата Три М изградба ДОО Скопје за рушење со експлозивни средства на дел од објектот Космос за износ од 2.999.560 денари, иако фирмата Три М изградба ДОО Скопје немала доставено докази за техничка и професионална способност за фирмата ББ – инг ДОО Кавадарци, како субјект што ја подржува техничката и професионалната способност и понудата не ги содржела сите потребни прилози.
Сепак, врз основа на склучениот договор од општината Гази Баба биле исплатени 2.999.560 денари во корист на Три М изградба ДОО Скопје, со што е причинета имотна штета во тој износ на општината Гази Баба.
Потоа се продолжило со уривање на објектот со експлозив и со уривањето на објектот му нанеле значителна штета на оштетениот-инвеститорот ТД ФИНЕ ДОО Скопје во вкупен износ од 916.386.408 денари или 14.900.592 евра.
Овој износ на штета е причинет со дејствијата на незаконското рушење на објектот и тоа е износ од дотогашната инвестиција во објектот. Од друга страна пак, штетата што ја побарува оштетениот е износ од 58.866.868 евра., во која влегува оштетно побарување по повеќе параметри.
Со наведените дејствија, постои основано сомнение дека првоосомничената сторила кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.3 во врска со ст.1 од КЗ, а за второ, трето и четврто осомничените постои основано сомнение дека сториле по едно кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 во врска со чл.22 од КЗ.
Против осомничените до Основниот суд скопје 1 Скопје ќе бидат побарани соодветни мерки за обезбедување присуство на истите во постапката, рече Фетаи.
Таа презентираше и дел од пораките кои се обезбедени со вештачење на мобилниот телефон на починатиот Ф.И. за кој реле дека го користел во тој период, кој е прибавен во предистражната постапка, која се водеше во ова обвинителство, за да се види намерата и брзината со која се извела оваа операција на рушење и секако бекрупулозноста.
-Се разбира дека претходницата на овие пораки го чувте во веќе широко познатата фраза „Миле ми текна“, или во овој случај „Миле ми текна друга варијанта – Ние да го смениме таму ДУП-от?, во овој случај како дел од неовластено прислушкуваните разговори, помеѓу еден од поранешните премиери на Република Македонија и еден поранешен министер за транспорт и врски .
На 11.08.2011 г. во 12:31 ч. Министерот за транспорт и врски му испратил порака на Ф. И. со содржина: Работете од 5 ч. ако може да се стигне до недела. Оваа порака е карактеристична по тоа што на 11.08.2011 г. Министерот за транспорт и врски бара од Ф.И. да почнат со работа, а ова е еден ден пред да биде склучен договорот за јавна набавка кој е склучен на 12.08.2011 г., што значи дека претходно се било договорено и максимално брзо ги преземале дејствијата.
Министерот за транспорт и врски на 13.08.2011 г. во 08:04 ч. (сабота) му испратил порака на Ф.И. со содржина да, рушењето го направат во понеделник, затоа што во вторник ќе било политички масакр.
Сметаме дека треба да се истакне и пораката испратена од Ф.И. до Министерот за транспорт и врски на 14.08.2011 г. во 10:33 ч., поточно ден пред рушењето со експлозив, со следната содржина: Јас ќе го испочитувам договорот со тебе и за Партијата. Миле ти што ќе сториш брат за мене. Јас сум во клиничка смрт овие 7 месеци. Вчера моите подизведувачи МЗТ Пумпи и Трансмет како Хиени почнале на препумпната станица во Лисиче каде имам судски спор со Липицанерот. Кај МЗТ дадов аванс 7.150.000 денари за пумпите, а другарот од Трансмет од таму однесе околу 5000 м3 песок и сега на готов објект за 27.000.000 денари ќе се гостат со Коце и со Липицанерот. Каков масакр мене ми се случува брат од кого? Од моите? Има господ ќе суди на сите. Јас бев, сум и ќе останам ист, сега помогни ми ти со твојот авторитет, јас ќе ја завршам работата ќе се гордееш утре вечер, а јас со пелин во душата, блокирана сметка и доверители на врат и со добиен очен инфаркт? Ако треба така за Партијата и за Човекот ОК ама лични профити не гревота е. РЅ Викни денес на едно кафе, имам до толку брат, за стари добри времиња. Ова порака е карактеристична по тоа што Ф. И. истакнува дека тој тоа го прави за партијата и за тогашниот министер и за Човекот, но дека бара за тоа противуслуга, да му се помогне за судски спор.
Посебно е интересна содржината на пораката испратена од Ф.И. до Министерот за транспорт и врски на 13.09.2011 г. во 13:04 ч. со следната содржина: До кога да чекам витамини, на 15.08 ја завршив работата. Барам од тебе да го исполниш она што го вети, но не она што го ветуваше за други институции. Те замолувам да ја завршиш работата на ист начин како што ме замоли пред месец дена. Поздрав
На слајдовите може да забележите и други пораки помеѓу Министерот за транспорт и врски и ФИ и градоначалникот на општина Гази Баба и Ф.И. од чија содржина може да се утврди дека и градоначалникот учествувал во сите дејствија, а исто и така првоосомничената.
Инаку, вештачењето прибавено од Архитектонскиот факултет, како што претходно наведов го потврдува незаконското рушење на објектот, а сведоците го надополнуваат целиот тек на опишаниот настан.
На овој слајд графички Ви е прикажано кои услови треба да бидат исполнети за да се врши такво мерење, но пак потенцирам дека во конкретниот случај немало изградено заштитен тротоар на градба, ниту пак постоела изградена улица со тротоари за да може воопшто да се врши мерење.
Почитувани, да заклучам:
Иако во овој случај за извршување на целокупните криминални активности за кои постои основано сомнение дека се извршени, наредба и подршка имало од највисокото тогашно раководство на државата и навидум се е покриено формално правно и документациски, сепак уште еднаш се докажува дека не постои совршен злостор, рече Фетаи.