Дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски преку соопштение изнесе тврдења дека денеска и вчера во општина Охрид се вршеле притисоци врз вработените во институциите на јавниот сектор за да присуствуваат на собирот на Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ).
Кирацовски бара, како што наведува во соопштението, „веднаш да престанат притисоците, уцените и заканите кон вработените во институциите на јавниот сектор, затоа што ќе следат соодветни санкции кон секој што го прекршил Законот“.
– Најостро ги осудувам сите притисоци и уцени за политички цели врз вработените во јавниот сектор!
Имам должност и обврска да ја информирам јавноста дека во текот на вчерашниот ден и денес (20.04.2016 год), во Општина Охрид се вршат масовни притисоци врз вработените во институциите на јавниот сектор, за истите да присуствуваат на собирот на ГДОМ.
Имено, на вработените во јавниот сектор во Охрид, им се врши политички притисок и им се закануваат со дисциплински постапки, отказни решенија, слаби оценки преку оценувањето на администрацијата итн. Целта е под присилба, да присуствуваат на денешниот собир во организација на ГДОМ. Заканите одат до таа мера што се бара цели семејства да присуствуваат на собирот под притисок дека ќе бидат евидентирани со фотографирање.
Со ваквото свое однесување одговорните и раководни лица ги прекршуваат законските прописи во Република Македонија, според кои административните службеници се „сервисно ориентирани“ и „политички неутрални“.
Сакам да им укажам на сите одговорни и раководни лица, како и на партиските моќници од локалната власт во Охрид, веднаш да престанат со притисоците, уцените и заканите кон вработените во институциите на јавниот сектор, затоа што ќе следат соодветни санкции кон секој што го прекршил законот.
Воедно апелирам до сите вработени во јавниот сектор, да одолеат на притисоците, уцените и заканите, со што ќе останат во одбрана на своите уставно загарантирани права, се наведува во соопштението од Кабинетот на дополнителниот заменик-министер.