ЗНМ го поздрави изгласувањето на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда

Од:

Здружението на новинарите на Македонија го поздравува изгласувањето во Собранието на Република Македонија на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда и донесувањето на измените на Кривичниот законик, со кои се декриминализираат овие дела против честа и угледот.

Сметаме дека декриминализацијата на клеветата и навредата е конкретен резултат од дијалогот со Владата на Република Македонија, со кој треба да се зајакне слободата на изразувањето и слободата на медиумите преку поголема примена на судската пракса од Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур.

Со Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда во кривичните судови се прекинува постапката за над 700 судски предмети за клевета и навреда, од кои половина од нив се поднесени против новинари.

Целта на законот ќе се постигне само ако тој доследно се спроведува од страна на судската власт, која во иднина не треба да дозволи тужбите за клевета и навреда да се користат од носителите на јавни функции како средство за вршење притисок против новинарите.

Ја повикуваме Владата, Судскиот совет, Врховниот суд, но и новинарите и медиумите, активно да ја следат примената на законот, и јавно да реагираат тогаш кога ќе се забележи несоодветна примена од страна на судиите.

Очекуваме носителите на јавни функции во иднина да покажат поголема толеранција кон јавната критика во медиумите, а новинарите да се придржуваат кон професионалните стандарди и етика.

Потсетуваме дека декриминализацијата претставува прв чекор кон решавање на проблемите во медиумите. Во иднина не очекуваат уште поголеми предизвици, како што се утврдувањето на критериуми за распределба на владини кампањи, вградувањето на европската директива за аудиовизуелни услуги во Законот за радиодифузна дејност и секако реформата на јавниот сервис МРТВ.

Ние остануваме активни во овој процес со цел да се усогласат нашите закони со европското законодавство и да ја заштитиме слободата на изразувањето.

Би можело да ве интересира

ЗНМ: Попречувањето на новинарската работа е недозволиво

А1он

ЗНМ: Грубо прекршување на правата на новинарката Мирослава Симоновска: Повик за итна истрага

Чадиковски ги повика институциите да се најдат сторителите на запаленото возило на директорот и новинар на штипската Телевизија М НЕТ

ЗНМ: Запалено возилото на колегата Серсемов, бараме итна акција на МВР

Судскиот совет одлучи по претставката на ЗНМ: јавен укор за судијата Спировска Панева

ЗНМ: Нова контроверзна пресуда на Основниот граѓански суд Скопје