„Македонија има потреба од кредибилни избори, а за нив има уште обврски што треба да бидат исполнети“.
Ова е оценката изнесена на средбата на претседателот на Либералната партија, Ивон Величковски и амбасадорот на САД, Џес Бејли што денес се одржа во Кабинетот на ЛП. На средбата беше разговарано за политичката ситуација во земјата, особено по распуштањето на Собранието и за спроведувањето на обврските од Договорот од Пржино.
– Според Либералната партија, се покажа дека продуктивен производ на Пржинскиот договор е Специјалното јавно обвинителство. Како и досега, ја поддржуваме и не ја коментираме неговата работа. Во останатите домени, сегашната криза е резултат на длабоката одбивност на партиите, а особено на власта, да се спроведат суштински и нужни реформи за европска и евро-атланска Македонија – потенцираше Величковски.
Во врска со одговорноста на партиите за надминување на сегашната состојба, претседателот Величковски оцени:
– Уште пред две недели, кога другите партии молчеа, Либералната партија укажа дека со постојното темпо на спроведување на обврските, нема услови за кредибилни избори на 5 јуни. Задоволен сум што и најголемата опозициска партија од вчера се согласува со тоа што го проценивме во средината на март и ја поздравуваме и решителноста, но и подготвеноста за барање решенија во следните денови. Тврдоглавоста и „мачоистичката“ реторика нема да донесат решение. Оттука, верувам дека гарантите на „Пржино“ повторно ќе треба да вложат напори за институциите да постапуваат по закон, а партиите да ја преземат одговорноста за своите чекори, пропорционално на својот габарит и улога.
Величковски ја реафирмираше подготвеноста на Либералната партија за изнаоѓање одржливи решенија, како и до сега: „Внатрешно-политичките, економските, но и безбедносните ризици бараат одговорни политички чинители во Македонија. ЛП е благодарна за пријателството и вниманието на меѓународните пријатели кон нашата земја, и жалиме што на моменти тоа е поголемо од одговорноста на домашните партии и функционери кон сопствената нација.“