Ревиите на дизајнерките Росица Мршиќ, Олгица Ѓоргиева и Силвија Михајловска го одбележаа првиот ден на 13. Моден викенд Скопје, кој се одржува во салонот „Порше Македонија“ од 1 до 3 април. По ревиите се одржа и забава под маски на која посетителите се забавуваа со хитовите од осумдесеттите години.
Сезоната пролет/лето 2016 година, која се одвива под мотото „Да живеат осумдесеттите!“ ја отвори ревијатa на Росица Мршиќ со колекција инспирирана од женските ликови на Модилјани. Мршиќ го користи својот „карактеристичен вокабулар“ и во секое парче од колекцијата внесува силен индивидуален стил. Линиите се мазни и смирени во форма на синусоиди со кои таа ја завиткува женската фигура за да постигне женствена заобленост. Колекцијата беше надополнета со чевли од локален бутик.
Дизајнерката Олгица Ѓоргиева ја претстави колекцијата за актуелната сезона наречена „Senses“, чиста, минималистичка линија разиграна од колоритни елементи прикажани на специфичен начин. Станува збор за секојдневни парчиња, свечени тоалети и венчаница, а доминантни се црвената, белата, зелената и црната боја.
Полседна на првата модна вечер се претстави Силвија Михајловска (модно ателје Алшар) со колекцијата „Sakura (In)Fusion“, надополнета со рачно изработен накит од Елена Ристовска. Михајловска која дизајнира долги години, прв пат се претстави на Моден викенд Скопје, инспирирана од еден необичен и уникатен спој на пиво и цреша, каде белата флуидност и леснотија на пената се спојуваат со црвеното тело на пивото, а во исто време и од трансформацијата на белиот цвет на црешата во црвен плод – своевидна симболика на трансформација од невиност во сензуалност.
Во рамките на Моден викенд Скопје можат да се видат и „Fashion&Friends“ кои презентираат инсталација наречена „Fashion Herbarium“ во која впечатливите парчиња од тексас и модните додатоци се прикажани во форма на моден хербариум испреплетени со природни елементи – дрво, зеленило и цветови.
Јагода Пачемска од арт-студиото за цвеќе „Фа-Бу“ изложи ексклузивен фустан изработен исклучиво од свежо цвеќе.
Во текот на тридневното случување ќе биде изложен и накитот на „Farina’s handmade“.
Вечерва, на 2 април, ќе видиме групна ревија на студентите од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет на РМ кој годинава слави 15 години од своето постоење. Прв пат на настанот ќе се претстави дизајнерката Тијана Младеновиќ од Србија, која доаѓа преку соработката на Моден викенд Скопје со српската модна организација „БАФЕ“. Следуваат ревиите на модната куќа „Линеа“ и брендот „Elezi Paris“ а за крај на втората вечер ќе ја видиме колекцијата на Ирина Тошева поддржана од Министерството за култура на РМ.
Модната новинарка Снежана Јаначкоска Богдановска – Сани ќе ја презентира својата прва книга „Моите стории – мојот LIFE“, која наскоро ја очекува и голема официјална промоција.
Моден викенд – Скопје, сезонава ќе даде поддршка на Здружението за борба против рак „Борка“ – за секој нов ден, во остварување на заедничките цели – поддршка за Алијансата на пациентски организации (АПО), прогласувањето на година за борба против ракот во Р.Македонија, третманот на малигните заболувања да стане приоритет во здравствениот систем и подготовката на Национална стратегија за борба против малигни заболувања 2016 – 2020 година.