ЗНМ и ССНМ: Обвинителството го толерира говорот на омраза на Неделковски

Од:

Здружението на новинари и Самостојниот синдикат на новинарите најавуваат дека ќе ја обжалат одлуката на Основното обвинителство да го отфрли нивното барање за кривично гонење на водителот Миленко Неделковски поради закани упатени кон луѓе и ширење на говор на омраза.

„Неделковски на неговиот фејсбук профил ги посочи како предавници новинарите Јадранка Костова, Бранко Геровски, Борјан Јовановски и Сашо Ордановски и им се закани дека ќе ги посети дома за да се пресмета со нив. Со тоа Неделковски поттикна и трети лица да ги напаѓаат новинарите и со тоа ја доведува во прашање нивната безбедност.

Меѓу другото, Неделковски пишува дека во „семејството од Брајчино со шиптарска снаа“, мислејќи на семејството на новинарот Борјан Јовановски, „ќе има циркуси“. Со тоа тој шири ксенофобични пораки во јавноста.

На наше големо изненадување, обвинителката Јасмина Костевска Здравевска од Основното јавно обвинителство во Скопје го одби наше барање како неосновано. Обвинителката Здравевска смета дека Неделковски само искажал негови ставови и не потикнувал омраза, дискриминација или насилство врз основа на национално потекло или верско убедување.

Обвинителката исто така цени дека пријавениот со објавените постови не ја загоризил сигурноста на новинарите.

ЗНМ и ССНМ го обжалија ова решение и се надеваме дека Вишото јавно обвинителство објективно ќе ја процени ситуацијата и ќе отвори предмет против Неделковски за упатени закани и ширење на омраза.

Немаме никаква дилема дека заканите на Неделковски се пораки кои до нашите колеги ги испраќа врвот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Нивната идеја е да ги заплашат и обесхрабрат новинарите да не пишуваат за масовната злоупотреба на институциите и на кршењето на човековите права.
Силно се солидаризираме со нашите колеги, а на креаторите и пренесувачите на овие заканувачки пораки им порачуваме дека не им се плашиме и дека ќе продолжиме да работиме во интерес на јавноста.

Свесни сме дека власта не сака само да предизвика несигурност и страв кај новинарите, туку и да го наруши нивниот кредибилитет како и достоинствто на новинарството.

Потсетуваме дека новинарите не се соочуваат само со вербално насилство и вознемирување, туку и се мета на физички напади. Во последните четири години регистриравме 25 случаи на насилство против новинари и ниеден од нив не е расчистен досега. Го повикуваме министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да го оддржи ветувањето и да ги расветли сите овие случаи на насилство против новинари.“, се наведува во реакцијата од ЗНМ и ССНМ

Би можело да ве интересира

ЗНМ: Попречувањето на новинарската работа е недозволиво

А1он

ЗНМ: Грубо прекршување на правата на новинарката Мирослава Симоновска: Повик за итна истрага

Чадиковски ги повика институциите да се најдат сторителите на запаленото возило на директорот и новинар на штипската Телевизија М НЕТ

ЗНМ: Запалено возилото на колегата Серсемов, бараме итна акција на МВР

Судскиот совет одлучи по претставката на ЗНМ: јавен укор за судијата Спировска Панева

ЗНМ: Нова контроверзна пресуда на Основниот граѓански суд Скопје