Обвинителството во белгискиот град Шарлроа ја отфрли можноста дека постојат траги од тероризам во случајот со убиството на вработен во обезбедувањето на нуклеарната централа Тијанж, јави ТАСС.
Обвинителството наведе дека убиството на Дидије Проспер, кого неговите три деца во четвртокот го пронашле мртов во нивниот дом во Фроашапел е исклучиво криминален случај, кој не е поврзан со терористичка закана.
Бриселскиот весник „Дернијер ер“, повикувајќи се на локални полициски извори денеска објави дека припадник на обезбедувањето на белгиската нуклеарна централа Тијанж во градот Шарлроа е убиен и дека неговата идентификациска картичка е украдена.
Обвинителството негираше дека картичката исчезнала.
Просперо, вработен во фирмата за обезбедување Г4С бил погоден од четири куршуми и е пронајден мртов во бањата.
Тој бил задолжен за обезбедување на нуклеарниот истражувачки центар во Флериј.
Белгиските медиуми пред два дена пишуваа дека бриселките бомбашки-самоубијци Халид и Ибрахим ел Бакрауи планирале напад врз белгиската нуклеарка Тијанж, но го промениле планот, откако бил уапсен нивниот соучесник Салах Абдеслам.