Министерката за здравство на Белгија, Маги де Блок утрово излезе со официјална информација дека во двата терористички напади што завчера се случија на бриселскиот аеродром „Завентем“ и на метро-станицата Малбек, загинале вкупно 31 лице, а 300 се ранети, од кои 150 се уште се во болница.
Од ранетите, 61 лице имаат потешки повреди опасни по живот и се наоѓаат на интензивна нега во болниците ширум белгиската престолнина, јави дописникот на МИА од Брисел.
Притоа, според Блок, четорица од хоспитализираните, кои се во кома, се уште не се идентификувани.
Портпаролката на Федералниот обвинител на Белгија, Ван Вимерш, во меѓувреме објави дека ниту еден од загинатите се уште не е точно идентификуван и токму затоа се доцни со објавување на листата со нивните имиња и националност.
Во тој поглед, досега се знае само за загинати чии имиња и идентитет ги открија нивните најблиски или како што беше случај со 36-годишната Тапиа Руиз од Перу, тоа го стори Министерството за надворешни работи на нејзината земја.
– Приоритет во моментов се преживеаните и како да им се помогне на ранетите. Се уште траат и истрагите на местата на експлозиите на аеродромот и на метро станицата. Нашите тимови за идентификација даваат се од себе за да ја завршат работата, што е можно побрзо, но за да соопштите некому дека неговиот сакан е мртов, мора да сте апсолутно сигурни, истакна Вимерш во изјава за фламанската телевизија ВТМ.
Македонската Амбасада во Белгија соопшти дека досега не добила повик за исчезнато лице на некој од своите телефони за итност, што се отворени по нападите, ниту дојава од белгискиот протокол дека меѓу загинатите и повредените има македонски граѓани.