И покрај консензуално усвоената методологија од страна на ДИК и усвоениот извештај за сомнителни 316.000 гласачи, сепак мнозинството во ДИК не сака да се прави теренска проверка на 124.000 гласачи кои ги има на избирачкиот список во последните девет месеци, односно од 1 јули 2015 година, а кои не се јавуваат во ниту една од десетте бази на податоци добиени од државните институции.
Членовите на СДСМ во ДИК, во текот на ноќта ја напуштија седницата на комисијата поради тоа што останатите членови се противат на теренска проверка на дополнителните гласачи кои ги нема во базите на податоци или живеат во странство.
Од комисијата посочуваа дека сето тоа не е доволен аргумент да бидат подложни на теренски проверки.
Претходно, Државната изборна комисија едногласно го усвои извештајот од вкрстените проверки на сите бази на податоци, според кои сомнителни се 316.000 гласачи.