НВО Инфоцентар: Критичките граѓани постојана мета на напади на провладините медиуми

Од:

Изминатата 2015 беше година на исклучително зголемен и засилен граѓански општествен и политички ангажман, ова го покажува и мониторингот на медиумското покривање на настаните поврзани со слободата на изразување и слободата на здружување во Македонија,

Извештајот на НВО Инфоцентарот во рамките на проектот „Застапување за слободата на изразување“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија, подготвен во соработка со Центарот за развој на медиуми, го опфаќа известувањето на медиумите за темите поврзани со слободата на изразување и слободата на здружување, во периодот од 15 јануари до 25 декември 2015 година.

Во периодот од 15 јануари до 25 декември, во 16-те мониторирани медиуми, објавени се вкупно 4.422 новинарски прилози посветени на граѓанскиот активизам или околу 400 прилози месечно, односно по 12 прилози дневно. Оваа бројка на објавени новинарски материјали во медиумите е исклучително висока и е дури два пати поголема во споредба со 2014 година, кога за седум месеци (јануари – јули) беа регистрирани само 1.200 новинарски прилози и тоа во седумнаесет медиуми или во просек само 170 прилози месечно, односно по 6 прилози дневно.

Приближно 80% од вкупниот број прилози за граѓанскиот активизам во 2015 година, се објавени во медиумите кои имаат критички однос спрема власта. Најголем број новинарски материјали, дури 45% од вкупниот број регистрирани прилози, се објавени на порталите А1.он (762), Плусинфо (677) и НоваТВ (575). Од весниците најголем број текстови објавил Слободен печат – 359, а кај телевизиите предничи 24Вести со 377 прилози. Солидна бројка објавени прилози за граѓанскиот активизам има и неделникот Фокус, вклучително со неговата интернет страница – 327 новинарски текстови.

Провладините медиуми објавиле само 964 прилози (21%). Најмногу прилози има порталот Курир – 224, потоа порталот Република – 158, телевизијата Сител – 144 и весникот Вечер – 111 прилози. Најмал број текстови се објавени во весниците Дневник – 57 и Нова Македонија – 78. Во централните вести на Првата програма на Македонската радиотелевизија се регистрирани само 98 прилози.

Soopstenie_sloboda na izrazuvanje_2015 final

Квалитативната анализа на медиумското известување во 2015 година покажала дека медиумите кои имаат критички однос спрема власта, редовно ги следат сите активности на граѓанските организации и иницијативи, на активистите, на граѓаните во целина.

Исто така, тие постојано информирале за настаните и процесите поврзани со слободата на медиумите и слободата на изразување, како и за случаите на загрозување на слободата на изразување и на здружување. Во известувањето на овие медиуми доминирле вести, извештаи, изјави, интервјуа, а ретко се објавувале коментари и анализи.

„Тонот на известувањето за граѓанските активности е претежно неутрален и најчесто базиран на факти.“, се вели во извештајот.

Според анализата на НВО Инфоцентарот, додека критичките медиуми редовно информирале за актуелните настани и процеси поврзани со слободата на медиумите и слободата на изразување, провладините медиуми, овие настани и процеси речиси комплетно ги игнорирале и создавалет слика за тоа дека во Македонија нема никакви нарушувања во оваа област.

„Тие многу ретко објавуваат вести и извештаи за активностите на граѓанските организации и иницијативи. Исклучок се активностите на организациите и иницијативите кои директно ја поддржуваат власта“, се вели во извештајот.

Најголемиот број прилози се однесувале на напади и дисквалификации за Фондацијата Отворено општество – Македонија, за граѓанските активисти и за критичките новинари.

„Овие медиуми, вклучително и јавниот радиодифузен сервис, во 2015 година, не само што ја продолжија, туку и ја засилија својата континуирана хајка против сите оние кои имаат критички однос спрема власта и нејзините политики. Во таа смисла, провладините новинари не ги поштедија од напади и дисквалификации ниту студентите, ниту пак, средношколците кои масовно и решително се борат за реформи во образованието.

Наместо професионално да информираат за сите актуелни настани, провладините медиуми од една страна, како мегафони пристрасно ги пропагираат и застапуваат ставовите на актуелната власт, а од друга страна, жестоко, со многу етикетирање, шпекулирање, извртување на фактите и лични дисквалификации ги напаѓаат и ги заплашуваат граѓаните кои мислат и се однесуваат поинаку од власта и нејзините приврзаници. За нив најголеми непријатели на државата се ФООМ, граѓанските активисти, критичките новинари, студентите, средношколците.

Во периодот, непосредно после граѓанските протести пред Владата на РМ, на 5 мај 2015, континуирната хајка против граѓанските организации зеде дополнителен замав. Провладините медиуми објавија серија написи и прилози во кои директно ги обвинуваат и ги напаѓаат граѓанските активисти дека сакаат насилно да ја урнат актуелната власт, дека ја дестабилизираат државата, дека се платеници на странски служби и дека во тоа предничат организациите финансирани од Фондацијата Отворено општество – Македонија, но и самата Фондација“, стои во извештајот од мониторингот на медиумите на НВО Инфоцентарот.

Би можело да ве интересира

Директорката Иљази им забрани на вработените на Токсикологија да даваат изјави за медиумите

A1on

Костадиновска-Стојчевска: Покажавме како се почитува слободата на медиумите, „Репортери без граници“ го потврди тоа

А1он

Во медиумите во Македонија работат 2.100 луѓе, 20% од редовно вработените се во онлајн медиуми

A1on

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

A1on