Во Ѕвегор ќе се реконструира старата џамија и ќе се доизгради црквата

Од:

Двата верски објекти во делчевскoто село Ѕвегор, старата џамија и новата црква, ќе ги поврзува парк. На иницијатива од жителите на Ѕвегор, иселеник, роден во тоа село, кој живее и работи во Турција преку Исламската верска заедница ќе инвестира околу 10 илјади евра за реконструкција на старата џамија, но ќе донира средства и за доизградба на црквата во селото.

Јаја Оџов, претставник на ИВЗ потенцираше дека овој верски објект ќе се реконструира со цел муслиманите кои одамна се иселени од Ѕвегор во Турција, кога ќе доаѓаат во посета во селото да има место каде ќе ги вршат молитвите.

– Нема да биде помошта само за обновување на минарето, туку и за црквата, тие два објекти, џамијата и црквата, тоа се исти обекти, вакански објекти. Сакаме да направиме и една просторија, а ќе го зацврстиме и минарето, бидејќи сега има ризик да падне, рече Оџов.

За џамијата која со децении е во распаѓање, одамна членовите на Црковниот одбор во селото барале инвеститори за нејзина реконструкција.

Делчо Гошев, претседател на Црковниот одбор во селото изјави дека уште кога почнала да се гради црквата, пред 20 години, тие биле на размислување да се најде инвеститор и за реконструкција на џамијата.

– Кога ја градевме црквата размислувавме што со џамијата. Јас сум за да остане како историско наследство, затоа што во нашето село 90 проценти биле Турци, и кога ќе дојдат да си спомнат на убавите спомени овде, рече Гошев.

Славчо Гошев, член но ЦО на село Ѕвегор, потенцираше дека е подобро џамијата да се реконструира отколку да се урне или сама да падне, па да направи проблем врз околните куќи.

– Историјата не можеме да ја смениме, историјата си е историја, како ќе ни биде нас, ако некој турне црква? Јас од кога знам, џамијата постои во селото и се сеќавам дека се држеше молитва, а одоздола беше постелена со кожи. Години поминуваа, џамијата никој не ја одржуваше и така полека зградата пропадна. Овде, ако се направи еден парк, ќе ги поврзува двата верски објекти и ќе бидат симболи на нашиот живот тука. Денес, во Ѕвегор, нема муслимани, Турците се иселени, но тие луѓе од кој сме ги купиле имотите, ни се и ден денес добри пријатели и постојано доаѓаат кај нас, рече Гошев.

Никој не знае колку е стара џамијата која останала како историско наследство од Турците кои живееле во селото, а во 60-тите години се иселиле во Измир.

Освен, верските објекти ќе се средуваат и муслиманските гробишта во селото. Црковниот одбор од селото и претставниците на ИВЗ договорија напролет да почнат градежните работи за реконструкција на џамијата.

Би можело да ве интересира

Браќата Мијалкови добија орден од МПЦ

Г.г Стефан и српскиот патријарх Порфириј во посета на Нишката епархија

Богородичната икона Троеручица денеска пристигнува во Скопје

Во петок литија низ Скопје со икона на Богородица трирачица, подарок од Хиландар за МПЦ

Предраг Петровиќ

МПЦ-ОА повика на масновност на изборите

Митрополит Агатангел: Македонското име, идентитет, историја и традиција не смеат да бидат предмет на тргување, тоа важи и за Црквата