На денешното судско рочиште за случајот Дива населба искази дадоа тројца сведоци предложени од одбраната. Пред судот сведочеа жителка на кумановската Дива населба, како и сопругата и ќерката на обвинетиот Фадиљ Фејзулаху.
Според обвинителството, Фејзулаху директно учествувал во нападите и бил фатен со првата поголема вооружена група, односно при апсењето на командант Соколи, Сами Укшими, командант Малишева и бил ранет при акцијата.
Ќерката и сопругата на Фејзулаху тврдат дека полицијата на 9 мај минатата година влегла во нивната куќа и ги малтретирала.
Обвинителката Вилма Русковска рече дека полицијата влегла во оваа куќа бидејќи имале сознанија дека дел од групата била сместена таму.
Жителката на кумановската Дива населба, пак, рече дека не знае ништо и дека никого не видела.
Обвинителите за случајот „Дива населба“ ги демантираа тврдењата на обвинетите од претходното рочиште дека четворица лидери на групата обвинети за тероризам биле ликвидирани по нападите, односно подоцна во полициската станица.
Според обвинителите Наум Пановски и Вилма Русковска, во извештаите од обдукцијата точно е наведено од која далечина е пукано и дека имаат сведоци, односно заштитени сведоци кои учествувале директно во престрелката.
– Немало потреба тие да бидат ликвидирани, не биле само тие главните на групата. На одбраната и обвинетите може законот да им дозволува што сакаат да кажат, доказите се поинакви. Се работи за шпекулации. Мотивот е уставно загрозување на безбедноста на Македонија, изјави Русковска.
Ново судско рочиште е закажано за 2-ри март кога искази треба да дадат сведоци на обвинителството.
На 9 и на 10 мај минатата година во кумановската Дива населба вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.