Планинарска акција насловена „Февруарски поход”, беше реализирана денеска во Неготинско, во организација на планинарските друштва „Серта” и „Неготино” од овој град.
Неколку десетици планинари од најразлична возраст, чекореа повеќе часови со паузи, во чест на славниот Февруарски поход од историјата на Македонскиот народ.
– Ниту дождот кој паѓаше не успеа да не спречи да ја оствариме целта и да им оддадеме почит на нашите херои од Народноослободителната војска на Македонија, кои во февруари 1944 година извршиле неколку оперативни дејства на територијата на источна, централна и западна Македонија, рекоа организаторите на настанот, од СПД „Серта” и СПАК „Неготино-МКД”.
Учесниците во планинарскиот февруарски поход со автобус тргнаа од Неготино до неготинско Калањево. Оттаму продолжија пеш до селото Брусник каде што се стоплија со топол чај, а крајната дестинација беше селото Војшанци каде што заеднички ручаа планинарско гравче и се дружеа.