Решението на миграциската криза во ЕУ, според чешкиот претседател Милош Земан е во депортацијата на економските бегалци, како и верските фанатици кои ги има меѓу мигрантите, јави дописникот на МИА од Прага.
Како што пренесоа чешките медиуми, Земан на Меѓународната конференција „Социјалната демократија во 21. век“ во Братислава, оцени дека муслиманските мигранти се лица кои не можат да се прилагодат на европската култура и постои опасност да подготват терористички напади.
– Единствен начин за решавање на миграциската криза е депортација на економските мигранти и тие, кои поддржуваат верско насилство, верска омраза, кратко кажано, подготвуваат терористички акции, рече Земан. Тој, додаде дека исламската цивилизација не и дозволува на жената да има пристап до школување и кон јавни институции, како и дека сведоштвото на жената пред суд има половична вредност отколку сведоштвото на мажите.
– Европската унија доживеа неуспех во целата постапка за решавање на миграциската криза. Кога пристигна миграциската криза, изгуби време во бескрајни говори, кои ги нарекуваше дискусии. Говори, дека на мигрантите треба да им посакаме добредојде, бидејќи немаме доволно работна сила, рече Земан, коментирајќи дека невработеноста во ЕУ е 11 проценти.