Кошаркарите на македонскиот првак МЗТ Скопје вечерва играат еден од клучните натпревари за опстанок во АБА лигата и со триумф на гостувањето кај Задар ќе обезбедат опстанок во ова натпреварување. Евентуален пораз нема да значи и испаѓање бидејќи до крајот на АБА лигата „металците“ ќе играат дома со Тајфун (последнопласирана екипа) и на гости против евролигашот Цедевита.
МЗТ Скопје по 23 одиграни кола има 9 победи, додека нивниот вечерашен ривал Задар има една победа повеќе. На првиот натпревар одигран во Скопје, Задар победи со 72:60. Македонскиот шампион ќе биде ослабен на овој дуел бидејќи тренерот Александар Јончевски поради суспензија по пријавата од судиите по завршувањето на дуелот со Будуќност во понеделникот во Скопје е казнет со еден натпревар. Почетокот на вечерашниот дуел во Задар е во 20 часот.
На другите натпревари од 24.коло ќе играат: Тајфун – Партизан, Мега Лекс – Олимпија, Цибона – Крка (сабота), Црвена Звезда – Сутјеска, Цедевита – Металац (недела) и Будуќност – Игокеа (понеделник).
Табела: Будуќност 21-2 (победи-порази), Црвена Звезда 17-6, Цедевита 17-6, Мега Лекс 16-7, Цибона 10-13, Партизан 10-13, Задар 10-13, МЗТ Скопје 9-14, Олимпија 9-14, Игокеа 9-14, Крка 9-14, Крка 9-14, Металац 9-14, Сутјеска 8-15, Тајфун 7-16.