Политичката криза, спроведувањето на договорот од Пржино и предвремените парламентарни избори, беа тема на денешната средба на претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети со амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Македонија Џес Бејли, соопшти ДУИ.
На средбата, што се одржа во седиштето на ДУИ, Ахмети зборувал за важноста од одржување веродостојни и демократски избори на 24 април, со цел, како што навел, да се заврши кризата која ја држи во заложништво целата земја.
– Договорот согласен меѓу четирите лидери со помош на меѓународната заедница мора да се почитува, и секоја промена ќе значи нов договор со нова агенда. Земјата го очекува самитот на ЕУ во јуни кога ќе се преиспита условната препорака на Европската комисија, го очекува и Самитот на НАТО во јули со агендата за проширувањето на Алијансата, но, исто така, ја очекува и вонредната криза со бегалците со кои се соочува. Сите овие предизвици, заедно со итна потреба за стабилноста и безбедноста во земјата ја наметнуваат потребата да има стабилна влада и стабилни институции, што е можно поскоро, се вели во соопштението.
Ахмети го информирал амбасадорот Бејли за заклучоците на Генералниот совет на ДУИ, во која е наведено структурите на партијата да придонесат за конструктивна изборна атмосфера и да пријават какво било заплашување на избирачите. – Исто така, ги покани граѓаните да се приклучат во овој процес, додека во исто време ДУИ е посветена да ја почитува транспарентната и непристрасната работа на специјалниот јавен обвинител.
Овие избори, истакнал Ахмети, се исклучително важни, затоа партиските лидери мора да покажат највисока одговорност за иднината на земјата, а граѓаните да не подлегнуваат на пред тест кампањи и обвинувања, туку да ги оценат понудите за развој, стабилност и безбедност.