Двајца поранешни членови на нацистичките СС одреди ќе се појават месецов пред германскиот суд под обвинение за соучество при убиството на илјадници луѓе во логорот Аушвиц во текот на Втората светска војна.
На 93-годишниот Рајнолд Ханиг кој бил логорски чувар ќе му се суди во градот Детмолд за помагање при убиство на 170 илјади луѓе, а Хуберт Зафке (95) за соучесништво при убиство на 3681 логораши со правдата ќе се соочи во градот Нојбрандербург од 29 Февруари.
Зафке во концентрациониот камп во Аушвиц – Биркенау бил на должност во времето кога заедно со илјадници други луѓе таму била донесена и авторката на потресниот дневник, младата холандската Еврејка Ана Франк. Најголемиот дел затворениците во овој логор починале во гасните комори.
Сведок на судењето на Ханиг ќе биде Ангела Орош која за медиумите изјави дека целиот персонал во кампот „бил дел од убиствената машина“. Според неа без активната поддршка на членовите на СС единиците и другите вработени во кампот не било возможно убиството на 1,1 милион заробеници за неколку години. Орош е родена во логорот Аушвиц во декември 1944 година само еден месец пред кампот да биде ослободена од сојузничките сили.
За обвинителот кој што го води процесот против Ханиг возраста на обвинетиот нема никаква улога. Андресал Брендел вели дека Германија „Има долг кон жртвите на Холокаустот и нивните семејства“ да ги гони злосторниците од Третиот рајх.
Минатата година на четири години затвор беше осуден Оскар Грониг, сметководител во логорот Аушвиц иако тој пред 40 години бил ослободен од сомнежот за помагање во убиствата на стотици илјади луѓе.
За април е закажано уште едно судење на кое за помогање во геноцид ќе му се суди на 93-годишниот Ернс Ромел поранешен чувар во Аушвиц.