Британското Министерство за надворешни работи ги отфрли денеска како правно необврзувачки одлуките на Панелот правни експерти на ОН околу случајот со основачот на Викиликс, Џулијан Асанж.
Одлуката на Панелот ништо не менува во овој случај, но Форин Офисот формално ќе го обжали нивното решение, соопшти Министерството
Членовите на Панелот „пресудија“ дека Асанж бил „бесправно задржан“ во еквадорската амбадада во Лондон, дека треба веднаш да му се овозможи „слободно да замине“ од зградата и да добие материјален надомест за времето минато во „залжништво“.
– Џулијан Асанж никогаш не бил самоволно и бесправно задржан во Велика Британија, се вели во соопштението на Форин Офисот. – Практично, токму тој е оној кој намерно и своеволно ги гази прописите и одбегнува легално апсење, откако самиот одлучи да остане во амбасадата на Еквадор, додава Министерството за надворешни работи.
Во неговото соопштение се изразува незадоволство што при одлучувањето, Панелот на ОН го игнорирал британскиот правосуден систем.
Правните експерти на Форин Офисот тврдат дека одлуката на Панелот не значи оти Асанж нема да биде притворен доколку излезе од диломатската мисија на Еквадор, затоа што се уште е во сила европскиот налог за апсење.
Тоа практично значи дека Велика Британија има правна обврска да и го екстрадира Австралијанецот на сослушување во Шведска.
Официјален Стокхолм реагираше на сличен начин на одлуката на Панелот на ОН, порачувајќи дека таа не менува ништо во случајот што го води шведското обвинителство.
Асанж е обвинет од две Швеѓанки за сексуално насилство, што се случило во 2010 година. Тој го отфрла обвинувањето и тврди дека Шведкска го бара за сослушување само за да го префрли во САД, каде, според него, би му се судело за објавување на тајните и доверливи материјали на американската администрација, што беа објавени на Викиликс.
Во јуни 2012 година, Асанж побегна во Еквадорската амбасада, откако Врховниот суд на Велика Британија ја потврди одлукта на Вишиот суд во Лондон да биде екстрадиран во Шведска.
Во август истата година, Асанж доби дипломатски азил од властите во Кито, со што се мислеше дека ќе може да се заобиколи европскиот налог за апсење, а во септември 2014 година поднесе тужба до Панелот на ОН.
Британски правни експерти велат дека Асанж би можел да биде земен на одговорност затоа што ги прекршил и британските закони, бидејќи со бегството не ја почитувал судската одлука за кауција и условна слобода, како и одлуката на британскиот Врховен суд.