Откако министерот за надворешни работи Никола Попоски преку писмо до неговиот грчки колега Димитрис Аврамопулос му одговори на предлог-меморандумот за разбирање, следува куса реакција од грчкото МНР.
„Министерството за надворешни работи денеска, 5-ти ноември 2012 година, го доби одговорот од поранешната југословенска Република Македонија на предлогот од 3-ти октомври 2012 година за потпишување Меморандум за разбирање меѓу двете земји. Одговорот ќе биде проучен внимателно од грчката влада и ќе следи став по него”, соопшти во понеделникот грчкото министерство за надворешни работи
Грчката влада ќе го проучи одговорот од Македонија на предлогот за потпишување Меморандумот за разбирање меѓу двете земји кој беше испратен на 3 октомври, соопшти грчкото Министерство за надворешни работи.
„Секако треба да се нагласи дека предложениот нацрт Меморандум за разбирање во голема мерка ги реафирмира некои од основните начела на Времената спогодба од 1995. година, чии што заложби се сe‘ уште исклучително значајни и секако не се исцрпени. Тие вклучуваат неповредливост на границите, почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет, воздржување од закана за употреба или од употреба на сила, немешање во внатрешните работи на другата страна, унапредување на добрососедските односи, како и соработката во многу значајни области“, му пишува Попоски на Аврамопулос.
Попоски изразува надеж дека Грција ќе се согласи со оценката на Европската комисија, според која, стартот на пристапните преговори со Европската унија ќе придонесе за поповолни услови за надминување на спорот за името. „Наша цврста заложба е надминување на разликата околу името. Ова ќе биде придобивка за двете земји и за регионот во целина“, се вели во писмото на Попоск., кој на крајот упатува и покана до Аврамопулос да го посети Скопје во најскоро време, а ја повторува и поканата упатена од Груевски до Самарас за средба на кое било место и во кое и да е време.