Ако дома имате сочни лимони подгответе го денешниот десерт …
Потребно е:
за тестото:
250 гр брашно
125 гр путер
100 гр шеќер во прав
2 жолчки
1 бурбон ванилин шеќер
малку ладно млеко
за кремот од лимон:
4 јајца
120 мл исцеден сок од лимон
изрендана кора од 4 лимони
150 мл слатка павлака
180 гр шеќер
слатка павлака, за декорирање
Подготовка:
– Во еден сад ставете го брашното и путерот исечен на парчиња. Со раце замесете тесто кое ќе наликува на лебни трошки. Додадете ги шеќерот, бурбон ванилиниот шеќер и жолчките и повторно измесете со рака. Почнете да додавате млеко малку по малку додека замесите тесто.
– Тестото обликувајте го во форма на топка, завиткајте го во пластична фолија, притиснете го да добие форма на диск и ставете го во фрижидер најмалку 30 минути.
– Извадете го од фрижидер, ставете го на набрашнета работна површина и развлечете го со сукало. Со помош на чаша или калап вадете кругови колку ширината на калапитеза тарт. Исечените кругови ставете ги во калапите, притиснете и избоцкајте ги тестата со вилушка.
– Ако немате мали калапи за тарт, може да користите калапи за мафини.
– Пред да ставите да се печат 10-тина минути ставете ги во фрижидер.
– Ставете ги да се печат во загреана рерна на 180 целзиусови степени околу 10 минути.
– Додека се пече тестото преминете на подготовка на кремот од лимон. Изматете ги јајцата и шеќерот и додадете ги сокот и кората од лимон и на карај додадете ја и слатката павлака и измешајте.
– Горната смеса загрејте ја на пареа и така топла сипете ја на печените теста додека се уште топли и ставете да се печат во рерна загреана на 150 степени 15-20 минути, додека да се стегне кремот. Ако печете голем тарт тогаш оставете да се пече 30-тина минути.
– Печените питички одозгора може да ги декорирате со изматена слатка павлака.