Членовите на Државната изборна комисија на денешната седница го усвоија Оперативниот план за преземање активности во функција на вршење вкрстени проверки со базите на податоци добиени од 10 државни институции.
На листата институции од кои ДИК ќе ги преземе податоците за претстојните вкрстени проверки се Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија, Агенцијата за вработување, Централниот регистар, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за водење матични книги, Управата за јавни приходи, Министерството за земјоделство (листа на приматели на земјоделски субвенции), Министерството за труд и социјална политика (приматели на социјална помош) и Народната банка на Република Македонија. На седницата беа усвоени и условите кои треба да ги поседуваат ИТ компаниите/експерти за вршење вкрстени проверки, се вели во соопштението од ДИК.
Државната изборна комисија ги прифати Правилникот за внатрешна организација и делокруг на работата на Стручната служба на ДИК и Правилникот за систематизација на работните места на Стручната служба на ДИК. На денешната седница е усвоен и заклучокот за објавување оглас за вработување на 10 извршители на определено време во траење до 31 декември 2016 година.