Спомен-домот на Мајка Тереза денеска промовираше проект „Тишината раскажува за Мајка Тереза“ – 20-минутна видеопрезентација за животот и мисијата на хуманистката и нобеловка од Скопје раскажана на знаковен јазик, наменета за лица со оштетен слух и говор.
Авторка на проектот е Цветанка Вучковска, кустос-водич во Спомен-домот на Мајка Тереза која на презентацијата рече дека идејата била на сите посетители на музејот да им ја претстават животната приказна на Мајка Тереза. Посочи дека лесно комуницираат со посетители од целиот свет, освен со лицата со оштетен слух со кои, како што рече, имале бариера во комуникацијата.
– Единствено за посетителите со оштетен слух имавме впечаток дека се ускратени и оттаму потекна идејата за реализација на овој проект, кој е во духот на нашата најпозната хуманитарка. Оваа видеопрезентација ќе биде раскажувана секогаш кога ќе има потреба од тоа, без оглед дали се работи за организирани групи или индивидуални посети. Освен класично прикажување на видеобим, набавивме и преносен уред на кој е снимен овој видеоматеријал, наменет за индивидуалните посети, рече Вучковска.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека промоцијата на овој проект токму во Спомен-домот на Мајка Тереза е значајна бидејќи, како што рече, преку неа на симболичен начин, во духот на мисијата и заложбите на Мајка Тереза, покажуваме грижа за лицата со посебни потреби кои се рамноправни чинители во нашето општество.
– Оваа презентација ќе овозможи овој Спомен-дом да стане ново свратилиште за лицата со оштетен слух во кое запознавајќи се со високите морални вредности, со сето она што Мајка Тереза му го подари на човештвото, ќе ја надградуваат сопствената едукација и активно ќе се интегрираат во нашето културно и општествено живеење, рече Канческа-Милевска.
Таа спомна и други проекти што ги реализира Владата и Министерството за култура кои се наменети за лица со посебни потреби, како формирањето библиотечен центар во НУБ „Св. Климент Охридски” за визуелно хендикепирани читатели, проектот „Инклузивни и креативни“ во соработка со Министерството за труд и социјална политика, преку кој креативните творби на лицата со посебни потреби се продаваат во сувенирниците, аудиоизданија на дела од македонски и од светски писатели со што е збогатена книжевната понуда за лицата со посебни потреби…
На промоцијата присуствуваше и хрватскиот академик Дарко Гашпаровиќ, годинашен добитник на Светската награда за хуманизам која ја доделува Охридската академија за хуманизам, повод за кој издавачката куќа „Феникс“ објави избор од негови есеи.
Гашпаровиќ истакна дека чувствува голема возбуда и благодарност што присуствува во Спомен-домот на Мајка Тереза кој го посетил и пред шест години. Рече дека е голем почитувач на Мајка Тереза која, додаде, му припаѓа на Скопје каде го почнала својот мисионерски пат и ширењето на љубовта кон светот.
Во оваа пригода тој на министерката Канческа-Милевска и ја подари својата книга „Писмото низ вековите“ во која предговорот го завршил токму со мисла на Мајка Тереза: „Ние не можеме да правиме големи дела, но можеме и мораме да правиме мали дела со голема љубов“.