Лидерот на северноирската Демократска унионистичка партија (ДУП), Арлен Фостер е новиот прв министер на Северна Ирска.
Таа ќе го наследи досегашниот лидер на ДУП и прв министер Питер Робинсон, кој денеска потврди дека се повлекува од функцијата на која се наѓаше безмалку шест години.
Фостер, која е пратеник во северноирското Собрание, на два пати го заменуваше Робинсон, како в.д. прв министер на заедничката влада на унионистите (протестанти) и републиканци (католици).
Во своето обраќање до пратениците, Робинсон изрази уверување дека Фостер ќе биде достојна наследничка. Заменик првиот министер Мартин Мекгинис од Шин Феин, му одаде признание на Робинсон за неговата работа во раководењето на северноирската заедничка влада.
– Ние двајцата, често се спротивставувавме околу некои работи, но секогаш успевавме да најдеме решение за ситуациите со кои се соочувавме, рече Мекгинис.
Робинсон го наследи на функцијата прв министер, сега починатииот основач на ДУП и некогашен свештеник, Ијан Пејсли. Тој со децении на ред беше остар противник на било каков компромис со Шин Феин, но сепак раководеше со првата заедничка влада на ДУП и Шин Феин.
Арлен Фостер е родена во 1970 година.Татко и бил полицаец во Северна Ирска кој е убиен од ИРА на нивната семејна фарма.Во 1988 година таа преживува експлозија на бомба, поставена под училишен автобус.
Во ДУП Фостер е од 2004 година, успевајќи за само 11 години да стане лидер на партијата, а сега и прв министер.