Северна Кореја, првпат по 18 години, ќе испрати свои претставници на состанокот на Светскиот економски форум во Швајцарија, кој ќе биде одржан овој месец.
Според швајцарските медиуми, тоа покажува дека таа изолирана земја на меѓународните ангажмани гледа како на начин за зајакнување на својата економија.
Јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“, објави вчера дека учеството на Северна Кореја на тој собир на важни лица од бизнис заедницата и политиката во Давос ќе биде прв во 18 години.
Светскиот економски форум го потврди учеството на Северна Кореја на конференцијата која ќе се одржи од 20 до 23 јануари, без други детали, пренесува порталот Индекс.хр.
Списокот на учесници ќе биде објавен на 13 јануари.
Сиромашната Северна Кореја е под санкции на Обединетите нации поради својата нуклеарна и ракетна програма и се бори да привлече инвестиции, наведува „Јонхап“.
Севернокорејската делегација би требало да ја предводи министерот за надворешни работи Ри Су Јонг, кој помина две децении во Швајцарија на должност претставник во ОН во Женева, пренесува Танјуг.