Потребно е:
1 кг брашно
1 свеж квасец
50 мл масло
2 лажичиња сол
800 гр свинско месо кртина
50 гр сушена овчја пастрма, исецкана на коцки
400 гр путер или свинска маст
сол, бибер
8 јајца
Подготовка:
– Од вечер исецкајте го месото на мали коцки, додадете сол и бибер. Месото ставете го во ладилник да отстои до другиот ден.
– Следниот ден, во еден сад ставете го квасецот, 2 лажичиња шеќер, малку брашно и малку млеко. Оставете го садот на топло место за да надојде квасецот.
– Замесете меко тесто од брашно, сол, масло и малку растопен путер. Откако ќе го замесите тестото оставете го малку на страна за да стаса. Потоа поделете го на 4 топчиња и тие оставете ги уште малку да стасаат. Од ова ќе направите 4 пастрмајлии.
– Во подмачкана со масло правоаголна тава формирајте ги со раце пастрмајлиите. Направете подебел венец на краевите, а средината истенчете ја.
– Наредете го месото (свинското и пастрмата) на тестото и убаво распоредете го. Ставете путер и на средината и на краевите.
– Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 220 -250 целзиусови степени.
– При крај на печењето во средина на пастрмајлиите се ставаат две разматени јајца. Повторно краевите се премачкуваат со путер. Малку од путерот ставете и на средината на пастрмајлиите.
– Кога ќе бидат печени извадете ги од рерна и повторно краевите премачкајте ги со путер. Покријте ги со крпа и оставете 5 минути да отстојат.
– Се служат топли.