18. издание на списанието „Лице в лице“ посветено на образованието

Од:

„Имагинацијата е поважна од едукацијата“, „Настојувајте да не нижете успеси, туку да створите вредности, „Образованието е она што останува откако човек заборавил што научил на училиште“…

Ова беа само дел од пораките од генијалецот и еден од највлијателите луѓе во светот, Алберт Ајнштајн кои стигнаа до скопјани на денешната промоција на најновиот број на уличното списание „Лице в лице“, посветен на образованието.

Настанот беше именуван „Паметни колачиња за образование со вкус (поздрав од Ајнштајн!), и во негови рамки, читателите на „Лице в лице“, покрај 18-от број на магазинот, добија и колачиња кои содржеа пораки кои алудираат на неопходните промени кои треба да му се случуваат на образованието, со цел да го носи предзнакот: квалитетно. Меѓу нив, пак, имаше и „наградни“ колачиња за тројца читатели, кои ќе имаат можност да добијат годишна претплата на списанието.

Продавачите на „Лице в лице“, пак, првата поддршка ја добија од твитерџиите Кристијан Калинов и Веселинка Георгиевска, како и од ликовниот уметник Сергеј Андреевски. Заедно со нив им го понудија бројот на сограѓаните кои минуваа низ градскиот плоштад, а кои срдечно ги поздравуваа.
Со своето присуство, продавачите на овој студен ден беа охрабрени и од постојаните поддржувачи на Платформата за активизам „Лице в лице“, Верица Андреевска Спасовиќ од бендот „Старовски“, новинарката и активистка Ана Јовковска, модната дизајнерка Ирина Тошева, и уште многу други пријатели, соработници и читатели на списанието.

licevlicecela

На кавер страниците на 18. број на „Лице в лице“ се третоодделенката Јана Перовска од паралелката „Малите бувови“, од основното училиште „Мирче Ацев“ во Скопје, како и едукаторката Весела Богдановиќ, една од 50-те најдобри наставници во светот.

Автор на насловната фотографија е Томислав Георгиев, а зад концептот и дизајнот стои агенцијата „Холистик“.

Новиот број на „Лице в лице“ отвора повеќе битни прашања, како: Дали сме насочени кон репродуктивното или кон функционалното знаење? Дали администрацијата ги демотивира креативните наставници? По кои и какви патишта треба да се движи македонското образование? Какви се образовните практики во светот? … и уште многу други дилеми и содржини.

Изданието донесува и потрет сторија за најдобриот продавач на Лице в лице за 2015 година, Ерџан Садик, написи за значењето на социјалните иновации во денешното живеење, поточно за докажаната способност во решавање на комплексни општествени проблеми, потоа за состојбата во која се наоѓаат сервисите за поддршка на жените-жртви на семејно насилство, за важноста на начинот на националното брендирање, блог-текст на британскиот амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет, содржини кои ја подигнуваат свеста за безбедноста во сообраќајот, приказна за стартот на иницијативата „Ретвитни оброк“, за патот до заедничката уметничка синергија на Ирина Тошева и Ване Костуранов, за алармантната состојба со загадениот воздух, но, и препораки од еколошките организации за негово намалување, и уште многу други содржини.

Печатењето на бројот е со поддршка на „Сава Осигурување“.

Би можело да ве интересира

Ракометари и продавачи на „Лице в лице“ заедно ја одбележуваат Меѓународната недела на продавачи на уличен печат

Ана Ололовска

Промоција на видео „Да се обидеме и вака“ посветено на образовниот процес

Ана Ололовска

Промовирано најновото издание на списанието „Лице в лице“

Ана Ололовска

Онлајн настан „Лице в лице со новата Земја – соочување“: Каква иднина ќе имаме зависи од нас

Ана Ололовска

Промоција на 40. број на „Лице в лице“

Ана Ололовска

Пендаровски се сретна со продавачи на уличното списание „Лице в лице“