Претседателот на Анкетната комисија, Петре Шилегов, одби да ја одржи затворената седница на која требаше да биде сослушуван министерот за финансии, Зоран Ставрески, иако тој се појави во Собранието во закажаниот термин. Шилегов рече дека седниците на Комисија не треба да бидат затворени за јавноста и дека граѓаните имаат право да го слушнат сведочењето на владините функционери. Тој изјави дека нема повеќе да одржува седници затворени за јавноста.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, го обвини Шилегов дека ја саботира работата на Анкетната комисија. Според него ова е дел од стратегијата на СДСМ да ги одложуваат прашањата договорени во Пржино за да се избегне нивниот пораз, како што рече, на предвремените избори.
Сослушувањето на Ставрески, рече Шилегов, се одложува се додека министерот не се предомисли и не дозволи присуство на медиумите за време на неговото сведочење.