Две нови винарии ќе се градат во Демир Капија, најави денеска градоначалникот на Демир Капија, Трајче Димитриев.
Тие, како што појасни Димитриев во изјава за МИА, ќе се градат на потегот меѓу двете постоечки демиркаписки винарски визби.
– Во првиот случај веќе помина тендерот за продажба на локацијата наменета за винарија. Скопска компанија ја купи градежната парцела на која планираат да произведуваат вино за кинескиот пазар. Се работи за купена површина од 13.243 квадратни метри, изјави Димитриев.
Тој нагласи дека општината на продажба ќе ја понуди и втората локација предвидена за изградба на винарница. Заинтересираните предвидуваат на тоа место изградба на винарија во која ќе се произведува флаширано вино од различни сорти на грозје, наменето за странските пазари.
Димитриев вели дека има интерес и за производство и на шампањско во Демир Капија.