Најмалку 15 лица погинаа, а 50 се ранети во експлозија што денеска одекна на пазар во Парачинар, град во мнозински шиитска област на северозапад од Пакистан, јави Танјуг.
Експлозијата одекнала на преполниот пазар во областа Курам, на границата со Авганистан.
Локални претставници стравуваат дека бројот на жртвите ќе биде поголем.
Засега не е познато што ја предизвикало експлозијата, пренесуваат француските медиуми.
На снимките на локалната телевизија се гледа како стотици лица бегаат од пазарот, на кој главно се продава половна облека.
Речиси половината од ранетите се наоѓаат во критична состојба, наведуваат лекарите од локалната болница.
Се уште никој не ја презеде одговорноста за нападот.
Оваа област е позната по судирите меѓу сунитите и шиитите, кои сочинуваат околу 20 отсто од вкупната популација на Пакистан, земја со 200 милиони жители.