Резервен комплет клучеви од 180 ќелии од белгискиот затвор Лувен, исчезнаа пред една недела, а властите стравуваат дека затворениците дошле до нив, пренесоа белгиските медиуми.
Затворскиот персонал од минатиот четврток е во потрага по клучевите. Комплетот вклучува клуч со кој се пристапува до одделение со 180 ќелии и клучеви за врати кои раздвојуваат 20 затворски секции.
“Било кој да ги има клучевите може да се движи насекаде во рамките на затворските ѕидови”, изјавил еден чувар за весникот “Хет латсте нијеус”.
Управата на затворот не знае дали клучевите се изгубени или украдени, но за сега не се соопштуваат повеќе детали за инцидентот. Во тек е замена на бравите, пишува весникот.