Во реприза на минатогодишното финале на кошаркарскиот шампионат на Македонија, денеска со почеток од 18 часот во СЦ „Јане Сандански“ ќе се одигра дерби натпреварот од 9.коло меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Куманово.
Во оваа средба шампионот МЗТ Скопје влегува по поразот во АБА лигата од Цедевита, по кој Алеш Пипан си замина од тренерското место, а кумановчани неодамна останаа без центарот Урош Луковиќ.
На првиот меѓусебен натпревар одигран во Куманово, домашната екипа забележа минимална победа со 74:72, нанесувајќи му го единствениот пораз на МЗТ Скопје во осумте одиграни натпревари сезонава во домашното првенство.
На останатите натпревари од ова коло беа постигнати овие резултати: Бест – Работнички 56:80,
Карпош Соколи – Струмица 87:68,
Фени Индустри – Кожув 86:67.
Табела: Карпош Соколи 17 бодови (9 натпревари), МЗТ Скопје Аеродром 15 (8), Кожув 15 (10), Фени Индустри 14 (9), Работнички 13 (9), Куманово 12 (8), Струмица 10 (8) и Бест 9 (9).