При актуелната миграциска криза, Европа треба да им помага на оние кои имаат потреба, но не може да оди над границите на сопственото загрозување, изјави денеска чешкиот премиер Бохуслав Соботка.
Соботка, истовремено ги отфрли предлозите за намалување на Шенгенскиот простор на слободно движење на лица, јави дописникот на МИА од Прага.
– Мораме да им помагаме на тие кои навистина имаат потреба. Во исто време треба да водиме сметка за безбедносните ризици, рече Соботка.
Тој оцени дека миграцијата мора да биде регулирана на надворешните граници на Шенгенскиот простор, со оглед на тоа што според него Европа не била воопшто подготвена за огромниот бегалски бран на своите граници.
– Уверен сум дека миграциската криза, ниту една земја не може да ја совлада сама. Затоа за да ја совладаме ни е потребна Европа. Во некои области имаме потреба од многу посилна и поцврста Европа отколку што ја имаме денес, рече Соботка.
Тој подвлече дека предлозите за намалување на Шенген зоната се апсурдни и оцени дека бегалската криза не ја совладаа земјите кои имаа задача да ја заштитат надворешната шенгенска граница на југот на Европа.