Возач на „Ферари“ Себастијан Фетел е уверен дека неговиот тим следната сезона може да биде рамноправен со „Мерцедес“.
– Ако се направи добра анализа на годинашното првенство и ако се присетиме како ја почнавме сезоната, тогаш може да констатираме дека нашето остварување е чудо. Не можевме да бидеме достојни противници на болидите на „Мерцедес“ на сите трки, но генерално бевме добри, изјави фетел.
Токму неколкуте добри пласмани го охрабруваат Германецот да верува дека следната сезона „Ферари“ би можел да биде уште подобар.
– Мислам дека ние можеме во најмала рака да се носиме со „Мерцедес“, ако не и да ги победиме. Она што ние треба да го направите е да се фокусираме на нашиот болид со цел подобрување на перформансите по што ќе дојдат и подобри времиња на трките, нагласува Фетел.
„Ферари“ сезоната 2015 ја заврши на втората позиција на табелата за конструктори со 428 бодови по шампионот „Мерцедес“ со 703, а пред „Вилијамс“ кој собра 257 бода.