Полицијата на Северна Ирска соопшти дека врз двајца полицајци во Белфаст е извршен напад со огнено оружје, со намера тие да бидат убиени.
Инцидентот се случил доцна синоќа, во западниот дел на градот, во кој живеат северноирските католици и се случил во моментот кога полицајците биле во рутиснко истражување околу еден потпален автомобил.
Во тие моменти, врз полицајците непознати лица отвориле оган од автоматско оружје, но тие останале неповредени.
„Станува збор за налудничав и безмилосен напад, за да се убијат луѓето, изјави денеска шефот на локалната полиција, Најџел Гримшо, забележувајќи дека полицајците имале голема среќа што се сеуште живи.
Полицијата преоценува дека синоќешниот вооружен напад „става печат на однесувањето на дисидентите-републиканци (католици) во последно време“.
Отворена е истрага за обидот да се убијат двајцата полицајци, а полицијата сега настојува да утврди дали постои поврзаност меѓу истрагата за потпаленото возило и вооружениот напад.