До крајот на следната недела се очекува да биде познат составот на Државната изборна комисија (ДИК) откако ќе минат сите рокови за изјаснување на политичките партии по денешното утврдување на листата на кандидати за членови на ДИК.
Претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Зоран Илиоски на денешната седница соопшти дека на јавниот оглас се пријавиле 52 кандидати, 12 кандидати кои би ги претставувале политичките партии и 40 кандидати како експерти. Тројца кандидати се пријавиле по двете основи.
Комисијата ќе го извести претседателот на Собранието за утврдување на листата кој пак треба да ги извести политичките партии дека во рок од три дена треба да му достават предлог-кандидати за членови на ДИК.
На листата на кандидати предложени од политичките партии се актуелните членови на ДИК, со исклучок на претседателот на Комисијата, потоа адвокатот Игор Милев, Викторија Аврамовска Мадиќ, Надиша Ибраими, поранешниот пратеник Есад Рахиќ, Ирина Петровска и актуелната пратеничка Силвана Бонева.
Меѓу 40-те кандидати кои се пријавиле за редот од експертите во ДИК се професорот Стефан Буџаковски, Сотир Костов, Горан Трпеновски, Реџеп Прекупца, Игно Стевковски, Бојана Наумовска и други.
Во новиот состав на ДИК треба има тројца членови предложени од партиите кои освоиле најмногу гласови на последните избори и од партиите во опозиција којшто освоиле најмногу гласови и тројца експерти. Претседателот и потпретседателот на ДИК според измените на Изборниот законик треба да бидат од редот на експертите.
На оваа седница на Комисијата Сашо Василевски, правник од Ресен е предложен за член на Советот на јавни обвинители.