Министерот за надворешни работи на Кралството Белгија, Дидие Рејндерс, во интервју за американската телевизиска мрежа “Еј-Би-Си Њуз” порача дека Белгија е во моментов во потрага по десет лица, што според него „може да направат сличен напад на оној што се случи во Париз на 13 ноември”, кои имаат “тешко вооружување” и “самоубиствени бомбашки елеци”. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, белгискиот вицепремиер во интервјуто под “тешко вооружување” посочи дека мисли на “калашњикови”, но додаде и дека тие лица имаат “можеби и нешто повеќе од тоа”.
Како цели што терористите ги имаат за разнесување и напади во Брисел, Рејндерс посочи дека тоа се пред се шопинг-центир, но не и училишта, ниту метрото, кои и денеска функционираат со половина снага.
– Под најголема закана се стоковните куќи и трговските центри – потврди шефот на белгиската дипломатија.
Дидие Рејндерс, денеска увери дека властите во Белгија добиле бројни информации што водат кон апсење на најбаранито терорист во Европа, Салах Абдеслам, кој учествуваше во нападите во Париз, а кој во моментов се уште е на слобода. Белгискиот министер за надворешни работи увери дека тој е убеден дека оваа клучна фигура во истрагата ќе биде фатен, посебно што Белгија има добра размена на разузнавачки информации за ова лице со службите на соседните земји.
– Невозможно е да се каже, по смртта на 130 луѓе или повеќе во Париз, дека оваа комуникација на службите е успех за сите, бидејќи ние, сепак, мора да сториме нешто повеќе – искрен е Рејндерс.
Во меѓувреме, Советот на Брисел го продолжи за по еден месец притворот на трите лица што на 20-ти овој месец беа меѓу 21 уапсено лице за поврзаност со тероризам и групи што сакале да извршат тероризам. Кај еден од овие лица, Лазез Абраими, соопштено е дека е пронајдено оружје, но и крв во автомобилот со кој тој наводно го превезувал осомничениот Салах Абдеслам, како и гласновна порака на неговиот мобилен телефон во која се споменува дека “Евреинот не е тука”.
Четвртиот и највисок степен на закана од тероризам останува во Брисел до вторник, додека училиштата од денеска работат, но само дел од метрото, кое дури кон крајот на неделата се очекува д апроработи со целосен капацитет.