ВИДЕО: Милошоски и Шилегов со лични дискредитации, место со факти за прислушувањето и „бомбите“

Од:

Првата седница на Анкетната комисија, формирана за скандалите со прислушувањето, помина без успех затоа што пратениците не се согласија за деловникот според кој ќе се уредува работата на ова тело. За предложениот текст пратениците на ВМРО-ДПМНЕ изнесоа десетици забелешки, од техничка или содржинска природа, иако текстот им бил испратен во минатиот четврток со барање забелешките и приговорите да ги достават до претседателот на Комисијата.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ прво спореа дека деловникот не им бил испратен соодветно на службените меил адреси, туку на личните, рекоа дека таков деловник не може да се донесе затоа што е „утнат“, дека одлуките не треба да се објавуваат на сајтот на Собрание, дека нема потреба од директен пренос на собранискиот канал, а како најголем проблем го наведоа членот кој предвидува во случај на еднаков број гласови „за“ и „против“, да одлучува гласот на претседателот на Комисијата, Петре Шилегов од СДСМ.

Тој и Антонио Милошоски, влегоа во лична расправа откако Милошоски имплицираше дека Шилегов нема доволно искуство во Собранието.

-Сакаме деловник кој ќе биде прифатлив за сите и донесен со консензус. Несериозно е тоа што немавме координативна средба пред одржувањето на оваа седница. Тоа може да се должи на префрлање на работата од претседателот на административните службеници, на немање доволно лично искуство во Собранието, или целта е можеби да се предложи неусогласен деловник за владејачката партија да биде обвинувана дека не сака да биде усвоен – рече Милошоски.

Тој додаде дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ има интерес да дознае кој, кога, како, во кој обем и во чиј интерес прислушувал, но не рече дека работа на Комисијата ќе биде и да ја утврди политичката одговорност за наводите од „бомбите“ дека политички функционери сториле кривични дела.

-Господине Милошоски не ќе е лошо, не боли да ги употребите зборовите политичка одговорност затоа што Комисијата ќе расправа и за содржината на прислушуваните разговори, а не само за прислушувањето. Не можам со сила да ве натерам да се произнесете за деловникот. Обидите за дискредитација ги отфрлам. Ако зборувате така смирено не значи дека имате право да го навредувате претседателот на Комисијата – рече тој.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ имаа забелешки за сите членови, а Шилегов реагираше дека никој од нив изминативе пет дена не му се обратил ниту писмено ниту усно за да добие сигнал дека е потребно усогласување на предложениот текст.

-Не можам на гравчиња да гледам дали имате забелешки или не ако не сте ми кажале ниту усно, ниту писмено дека има потреба од координативна средба – одговори Шилегов.

Според Павле Саздов од ВМРО-ДПМНЕ, предложениот деловник бил спротивен на одлуката за формирање на Анкетна комисија, спротивен на собранискиот Деловник и спротивен на досегашното искуство во Собранието. Тој се пожали дека предлог-текстот не го добил на мејл, туку во писмена форма, а на претседателот на Комисијата му рече дека има четири мејлови.

-Имам многу, многу забелешки по овој Предлог деловник. Целиот деловник е неточен и треба да биде разгледан. На пример, кој ви дава на вас право да имате два гласа во ова Собрание. Ајде на Трајко Вељановски да му дадеме 86 гласа и така Собранието да носи одлуки. Во кое Собрание, каде го има тоа претседател на Комисија да има два гласа. Имам многу забелешки, и во однос на одлуката и во однос на деловникот – рече Саздов.

Тој и неговата сопратеничка, Владанка Авировиќ, спореа дека записникот и одлуките на Комисијата не треба да се објавуваат на интернет страницата на Собранието и дека нема потреба седниците на Комисијата да се емитуваат преку директен пренос на собранискиот канал.

-Имаме класифицирани информации кои ќе се разгледуваат на седниците. Треба да се изврши оградување, оние одлуки кои не се косат со Законот за класифицирани информации, може да се објават на сајтот на Собранието. За користењето на собранискиот канал, седниците се јавни, освен оние кои ќе спаѓаат во демонето на затворени седници доколку некој го побара тоа. Нема потреба од директен пренос на собранискиот канал затоа што средствата за јавно информирање ќе можат да присуствуваат. Тоа е доволно – рече Авировиќ.

Одлуката гласот на претседателот да одлучува во случај на еднаква поделба на гласовите, беше договорена меѓу партиите, но Авировиќ на самата седница рече дека тоа решение не треба да биде прифатено затоа што не било принципиелно. Шилегов појасни дека тоа нема да биде пракса во гласањето, туку исклучок, само и единствено кога пола од членовите на Комисијата, која брои 16-тмина, ќе гласаат „за“ некој одлука, а половина ќе гласаат „против“.

-Правото на претседателот во случај на поделеност на гласови неговиот глас да биде условно мнозински е дел од меѓународната пракса, а се применува во словенечкиот парламент. Целта е да не ја доведуваме Комисијата да биде заложник на една пратеничка група. Значи станува збор за техничко функционирање на Комисијата за да работи оперативно, таа не смее и нема да биде заложник на една политичка партија. Не сум јас виновен ако немате благе везе од меѓународни стандарди, затоа што само со политика сте се занимавале – појасни тој.

Противењето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, според Шилегов, не е неочекувано сценарио. Како што рече тој, однесувањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ е несериозен пристап во работата на Комисијата и дека јавноста ќе пресуди дали тие имаат интерес Комисијата да почне со својата работа.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Поради дојава за бомба, полицијата го евакуира „Сава центарот“

Бомба тешка 250 килограми е пронајдена кај Нова Градишка

Експлозија во судница во Калифорнија, двајца повредени

Претседателството на БиХ добило дојава за поставена бомба

Горан Наумовски

Експлозија на лет од Крит: Патниците извикуваа „бомба, бомба, бегајте“

Дојава за поставена бомба во катедрала во Кошице