МЗ го осуди нападот на лекарот во Клинички центар

Од:

Министерството за здравство ги осудува утринските случувања на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ во кои лекар од Абдоменална хирургија беше повреден од огнено оружје, и бара целосно расветлување на случајот од надлежните институции и соодветно санкционирање согласно Закон.

Лекарот во кој пукаше незадоволен пациент е повреден во нозете, опериран е и е надвор од животна опасност.

По информациите за инцидентот министерот за здравство Никола Тодоров ги посети хируршките клиники, каде што разговараше со дел од медицинскиот персонал и вработените на клиниките.

Од Министерството за здравство во соопштение укажуваат дека нападот врз здравствен работник при вршење здравствената дејност е уреден како кривично дело согласно Законот за здравствена заштита. Ако при нападот е нанесена тешка телесна повреда тогаш претставува тешка форма на кривично дело за што е предвидена затворска казна во времетраење до десет години.Оваа казнена одредба, наведуваат од Министерството за здравство, е предвидена со измените на Законот од 22 јануари  годинава.

– Уште еднаш потенцираме дека ваквите инциденти се недозволиви во кој било здравствен систем, особено имајќи предвид дека здравствените работници во својата дејност се залагаат за спасување човечки животи. Во таа смисла, никој нема право сопствениот револт да го искажува во форма на насилство кон докторите и останатиот здравствен персонал, а уште помалку користејќи огнено оружје.  Надлежните институции ќе останат фокусирани на целосно испитување на случајот и преземање на сите мерки за соодветно санкционирање, се вели во соопштението.

Инцидентот во кој беше повреден лекарот  се случил во 09:30 часот на одделението за абодеменална хирургија. Лекарот, според болнички извори, веднаш по инцидентот бил пренесен во операциска сала.

Полицијата привела три лица, родени 1979, 1981 и 1985 година, сите од Скопје. Во Клиничкиот центар се уште е присутна полицијата и го истражува случајот.

Од МВР најавија подетални информации во текот на денот.

Би можело да ве интересира

Таравари: До крајот на годината решение ќе земат 1.100 вработени по договор на дело во здравството

Поголеми плати во здравство, потпишан Анекс на Колективниот договор

ДУИ: Здравството е сектор кој треба да служи за спасување животи, а не за создавање богатство за фамилијарни кланови

Горан Наумовски

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ