Турската национална новинска агенција Анадолија денеска во Скопје ја отвори редакцијата на македонски јазик.
На свеченото отворање присуствуваа претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, турскиот вицепремиер Јалчин Акдоган и претседателот на Извршниот одбор и генерален директор на Анадолија Шенол Казанџи.
Со отворањето на редакцијата на македонски јазик, агенцијата Анадолија ќе продуцира вести и други прес материјали на 10 јазици. Редакцијата во Скопје, покрај на македонски, ќе објавува содржини и на албански јазик
– Отворањето на редакцијата во Скопје е уште еден знак и показател за можните емотивни и духовни културни и историски врски кои ги имаме со Македонија, истакна Казанџи.
Отворањето на редакцијата, смета и турскиот вицепремиер Akdogan, е уште еден мост за соработка меѓу двете пријателски земји.
– Отворањето е уште еден новоформиран мост на пријателство. Ние нема да бидеме само гласот на Република Турција во Македонија туку и гласот на Република Македонија низ целиот свет, рече Акдоган.
Додаде дека редакцијата на aгенцијата Анадолија, како и на телевизијата ТРT, која исто така беше отворена денеска, никогаш нема да бидат, како што рече, сконцентрирани на политички цели туку во центарот на фокусот секогаш ќе го имаат човекот.
Македонија, потенцира Aкдоган, е земја пример не само во регионот туку и пошироко, имајќи ги предвид различните етнички, верски, културни и други припадности кои самата држава, како што посочи, ги негува на извонреден начин и живеат во хармонија, поради што како пример ќе придонесат и кон мирот на светско ниво,
Анадолија е формирана во 1920 година, пред формирањето на Република Турција. Има свои канцеларии во 45 земји, претставништва во 35, а во над 80 земји има свои репортери.