Финската Влада, соочена со опасност од распад половина година откако ја презема власта, беше спасена благодарение на внатрешен договор за здравствена реформа.
Премиерот Јуха Сипила претходно неделава изјави дека е многу веројатно да поднесе оставка поради неможноста да ги оствари плановите. Според аналитичарите таквата јавна закана помогна, така што, преговорите со коалициските партнери се свртеа во негова корист.
– Владата дојде до договор за водечките принципи во реформите на здравството и социјалната заштита, како и за бројот на регионите, се наведува во соопштението на кабинетот на Сипила.
Системот, кој сега е поделен на повеќе од 200 зони, ќе биде преуреден и ќе вклучува 18 региони, како што бараше партијата на Сипила, а не 5, на што инсистираа конзервативците, кои се трета политичка сила во земјата.