Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, на својот ФБ профил, пишува дека ни претстои бурен пероид до изборите во април. Оваа криза, вели, ќе биди вистински решена, а Македонија ќе може да се каже дека созреала, дури и само тогаш кога криминалците ќе одговараат пред независните институции.
Еве што напиша Жерновски:
Конечно, надмината е и последната пречка за целосна реализација на договорот од Пржино. Со ова, практично, Груевски се согласи за сите услови за кои, до вчера, тврдеше дека никако нема да ги прифати. Се’ по ред, од збор до збор, бидејќи, сепак, “зборот си е збор”. Од специјален јавен обвинител, до техничка влада. Најавата за црни сценарија, заканите на неговите “новинари” за разни барикади, како и останатата магла на провладините медиуми, се чини беа залудни. Вината на Груевски во аферата на прислушување и неспорните докази од материјалите на Заев, очигледно го направија своето. Очајничките потези за одложување на казната, вродија со многу малку плод.
Особено ме радува тоа што кризата не се продлабочи, а црните сценарија кои силно се заговараа, сепак не се реализираа. Македонија немаше да се опорави од таквиот експеримент а исходот ќе беше катастрофален. Драго ми е што меѓународната заедница остана доследна и посветена во посредството за решавање на кризата.
За жал, Македонија под водство на Груевски, остана политички незрело општество, со слаби и партизирани институции, за ваквите кризи да ги преброди сама, како што и’ прилега на земја која претендира за полноправно членство во ЕУ и НАТО.
Ни претстои бурен пероид до изборите во април. Улогата на опозициските министри и заменици ќе биде исклучително важна. Преку нив, опозицијата има шанса, во пракса, да покаже кои луѓе и како би ја воделе државата, доколку таа ги добие изборите. Но, сепак, мојот фокус и понатаму ќе биде работата на Катица Јанева. Да не заборавиме, оваа криза настaна заради тоа што Груевски и соработниците беа фатени во криминал. Тежок криминал. А во секоја нормална земја, за криминал се одговара. Оваа криза, ќе биди вистински решена, а Македонија ќе може да се каже дека созреала, дури и само тогаш кога криминалците ќе одговараат пред независните институции. Секој различен исход, ќе значи одобрување, за преседанот да стане пракса.