Генералниот секретар на УЕФА, Џани Инфантино е нов кандидат за претседател на ФИФА.
Актуелниот претседател на ФИФА Сеп Блатер ќе се повлече од функцијата по изборите во февруари 2016 година, а најсериозниот кандидат за негов наследник Мишел Платини заработи суспензија од ФИФА, заради што неговата кандидатура е неизвесна.
– Ние веруваме дека Џани Инфантино ги поседува сите квалитети потребни да се соочи со големите предизвици кои претстојат и да ја води организацијата низ реформи како би и го вратил кредибилитетот и интегритетот на ФИФА, се вели во соопштението на Извршниот комитет на УЕФА.
Инфантино вечерва треба и официјално да ја објави својата кандидатура на прес-конференција, по што ќе започне формално да се подготвува за изборите.
Најпрво за да влезе во трката за претседател на ФИФА, потребна му е поддршка од најмалку пет фудбалски федерации членки на ФИФА.