Во селото Свидовица денеска беше посебен ден, ден исполнет со радост, а поводот беше реконструираното подрачно училиште „Даме Груев“. Учениците седнаа во нови простории, а нивните родители среќни што конечно и нивните деца добија солидни услови за изведување на наставата. Среќата со нив ја сподели и градоначалникот Зоран Заев, дечињата го пречекаа со локум и чоколади заблагодарувајќи му се за прекрасните услови кои на негова лична иницијатива, иако тоа е надлежност на министерството за образование, денеска се реалност во ова училиште.
-Денеска сме со еден прекрасен повод овде во основното училиште „Даме Груев“ од Куклиш, подрачно училиште Свидовица, каде што после долги години, почнувајќи од крајот на 2010, 2011, а посебно 2012 година имаме отворени прашања во делот на потребите на солидни услови за учење на децата од селото Свидовица. Поводот е што завршивме значајни зафати во реконструкцијата на самото училиште, променет е кровот, прозорците, подот со ламинат, санитарниот чвор и други активности со кои можеме да заклучиме дека се обезбедени солидни услови за учење на децата. Вкупната инвестиција е околу два милиони денари од буџетот на општина Струмица, 1.250 000 денари е кровната конструкција, ламинатот е околу 350 илјади денари и санитарните чворови, плочките и сето тоа што е реконструирано, заедно е околу два милиони денари.
Зошто го истакнуваме ова? Заради тоа што капиталните инвестиции се под министерството за образование, вие новинарите ќе ги добиете дописите во кои ќе видите како од 2012 година, буквално, секоја година испраќаме дописи за исполнување на надлежноста на министерството за образование и еве оваа година конечно општина Струмица влезе со свои буџетски средства да ги направи неопходните реконструкциски зафати на училиштето, заради тоа што последниот допис кој што стигна од министерството за образование укажуваше дека најверојатно некаде во 2018 година би дошло на ред ова училиште. Го истакнуваме ова не од аспект да водиме гола политика, секој да ги завршува своите надлежности во секоја област е многу значајно, а најзначајно е кога се работи за нашите деца, за учениците.
Знаете дека овде имаше одреден револт од учениците, пред се од родителите заради тоа што се одложуваше проблемот, прокиснуваше кровот, подот беше во катастрофална состојба, ризичен и небезбеден беше санитарниот јазол покрај лошите хигиенски услови, а сега на крај останува уште да ја завршиме фасадата на училиштето за неговиот изглед да биде комплетен и за да можеме да кажеме дека комплетно е реконструирано училиштето. Се надевам дека овие одлични услови за работа ќе бидат во полза на нивниот образовен процес, рече градоначалникот Заев.
На градоначалникот Заев му се заблагодарија и родителите, кои рекоа дека денешниот е посебен ден за нив.
-Денес е посебен ден за нас, за нашето село, за нашите деца. Многу сме ви благодарни што ги овозможивте овие услови, сите знаеме во какви услови учеа нашите деца, а денес со услови како и сите деца што ги заслужуваат. Благодарни сме на вас Градоначалниче, благодарни сме на целиот персонал, на наставничките што ги водат нашите деца, на директорката, на сите кои денес се собравме да го одбележиме овој ден, да бидеме сите радосни со нашите деца, бидејќи оваа е посебна радост за нас и нашите деца, рече Ленче Ѓорѓиева.
Со реконструкцијата на училиштето во Свидовица, градоначалникот Зоран Заев и општина Струмица уште еднаш ја потврдија грижата за своите граѓани, посебно за децата и нивното образование.