Нико Розберг од Мерцедес ќе стартува од пол позицијата на трката за Големата награда на САД. Поради лошите временски услови, силниот дожд и ветерот, квалификациите во Остин се одржаа на четири часа пред трката. Поради лошото време беа возени само два круга од квалификациите, додека ветерот и дождот го одложија третиот.
Розберг до пол позицијата стигна со најбрзиот круг во втората квалификациска сесија (1:56.824 минути). Веднаш до него од првиот стартен ред трката ќе ја започен неговиот тимски колега Луис Хамилтон, кој на оваа трка има можност да ја одбрани шампионската титула.
Вториот стартен ред во Остин го освоија пилотите на Ред Бул Даниел Рикардо и Данил Квјат. Следуваат Себастијан Фетел, кој поради менувањето на моторот ќе биде поместен десет позиции наназад, потоа двоецот на Форс Индија Серхио Перез и Нико Хилкенберг, Кими Раиконен од Ферари, Фелипе Маса на Вилијамс и Марк Ферстапен на Торо Росо.
Трката за Големата награда на САД, која се вози во Остин, ќе стартува во 20 часот по средноевропско време.