Италијанските власти соопштија дека УНЕСКО ја прифатило нивната идеја „Сините шлемови“ на ОН да го чуваат историското наследство и културните објекти ширум светот од нападите на исламистичките екстремисти.
Италијанскиот министер за култура Дарио Франческини изјави дека 53 земји гласале за овој предлог, бидејќи Исламска држава (ИД) уништила голем број антички споменици и градби, вклучувајќи ја и Палмира во Сирија.
– Соочена со терористичките напади на ИД и застрашувачките слики од Палмира, меѓународната заедница не може само да стои и гледа, истакна Франческини, додавајќи дека постојаните членки на Советот за безбедност на ОН ја поддржале идејата.
Тој нагласи дека мировниците на ОН ќе можат да се консултираат со италијанската полиција, која го чува историското наследство.
Идејата се однесува на „важните области кои се под закана од терористички напади или во воените зони или зоните погодени од природни катастрофи, во кои меѓународната заедница може да испрати Сини шлемови, со цел да ги заштити културните објекти и да спречи тие да бидат уништени“.