Охрид SOS: Крајно противзаконски усвоен план за градење морска плажа на езеро во МЗ Лагадин

Од:

„Најпрвин, секретарот на општината, Спасески (член на Советот од партијата на ВМРО ДПМНЕ) во изјава за ТВМ по седницата на Советот вели дека планот иако е во поодмината фаза на усвојување и одобрување, т.е. „претходно бил усвоен од сите надлежни институции вклучувајќи го и Министерството за животна средина“, истиот „сè уште не е јавно објавен“, односно сè уште не е достапен за увид ни на локалната самоуправа, која требало да почека прво да се одобри решението за градба. Спасески изгледа не е свесен дека оваа негова изјава е јавно признание за целосно прекршување на член 4 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање каде што експлицитно е наведено дека начелата во процесот на планирање и уредување на просторот налагаат, меѓу другото, јавност во постапката за донесување и спроведување на планската документација. Ако локалната самоуправа нема право на увид во планот сè до негова реализација, тогаш кои се тие „надлежни институции“ кои имаат?

Планот за новата плажа, според оние бегли и скудни прикази кои ги имаме видено во јавност, се протега на подрачје со 500 метри појас трска – трската е место каде што се гнездат лебедите, симболот на Охрид и каде што се мрести далекупознатиот охридски крап. Доколку ја снема трската, научници од Хидробиолошкиот институт тврдат дека постои реален ризик лебедот засекогаш да го напушти Охридското Езеро како екосистем, а крапот да се доведе до степен на загрозен вид. Со ова целосно се игнорираат препораките од УНЕСКО со чиишто канцеларии сме во постојана комуникација и со жалење ви соопштуваме дека доколку се продолжи со вакви безумни „проекти“ постои вистинска можност Охридското Езеро да се смести на листата на загрозени подрачја на светско и културно наследство, што е еден чекор до бришење на локацијата од списокот со подрачја заштитени од оваа организација.

Спроведувањето на ваков објект на брегот на Охридското Езеро е во спротивност и со Законот за управување со светско природно и културно наследство во охридскиот регион. Бараме објавување на мислењето од страна на Комисијата за управување со светско природно и културно наследство во охридскиот регион како и на мислењето добиено од Министерството за животна средина (Одделението за природно и културно наследство) по однос на планот за Лагадин.

Противзаконски се платформите што се планира да се инсталираат внатре во езерото – Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро вели дека ваквата активност ќе значи директно прекршување на целите за заштита на езерата од член 3 од овој закон. Во член 7 од истоимениот закон се вели дека заради заштита на езерата се забранува внесување материи и предмети што можат да предизвикаат морфолошки промени на езерата. Бројни домашни и меѓународни студии потврдуваат дека зголемениот и неконтролиран антропоген притисок врз езерото сè повеќе ја интензивира неговата еутрофикација (претворање во мочуриште).

Планот за проектот „медитеранска плажа“, односно морска плажа на езеро, во целост го прекршува Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Република Албанија за заштита и одржлив развој на Охридското Езеро и на неговиот слив, а особено член 3, став 1 каде што дел од обврските на Р. Македонија и Албанија се: (в) заштита на биолошката разновидност, особено преку заштита на ендемичните, ретките или загрозените видови на флората и фауната; (г) спречување на интродукцијата и одгледувањето на неавтохтони животински и растителни видови; (ѓ) избегнување на секаква деградација на културните вредности или на природните предели; (е) спречување и контрола на економските активности кои предизвикуваат или можат да предизвикаат негативни влијанија во сливот на Охридското Езеро; и став 2 од истиот член каде што се налага секоја страна (б) да изврши целосна и ефективна реализација на процедурални права во својот национален правен систем (пристап до информации од областа на животната средина, учество на јавноста и пристап до правдата за прашања поврзани со животната средина). Повеќе од очигледно е дека ова значи нарушување на добрососедските односи со Р. Албанија.

Освен тоа, со проектот „медитеранска плажа“ во МЗ Лагадин се прекршуваат и бројни конвенции, како на пример, Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство, Конвенцијата за биолошка разновидност на ОН, Конвенцијата за заштита на водните живеалишта со меѓународно значење за заштита на водните птици (Рамсарска Конвенмција), Конвенцијата за оценка на влијанијата врз животната средина во прекуграничен контекст (Еспо Конвенција), Конвенцијата за пристап до информации, учество на јавноста во донесувањето одлуки и пристап до правдата во случаи поврзани со животната средина (Архуска Конвенција), Конвенцијата за заштита на дивиот растителен и животински свет и природните живеалишта во Европа (Бернска Конвенција) и Конвенцијата за заштита на миграторните видови диви животни (Бонска Конвенција).

Најпарадоксално од сè е што жителите, односно сопствениците на имоти во МЗ Лагадин, во безизлез потпишаа приговор против градењето на ваква плажа. На приговорот се собраа 200 потписа, а од сите жители во Лагадин не потпишаа само двајца. Комплетната документација заедно со сите потписи (мај 2015 г.) и барање за увид во планската документација за плажата (септември 2015 г.) се достави до општина Охрид, но оттаму не беше добиен никаков одговор, по што беше испратена претставка до Државниот управен инспекторат поради противзаконското молчење на администрацијата. Јавноста, иако неповикана (што, нагласуваме, е комплетно незаконски), самата се наметна да даде свое мислење и да ја заврши работата на „институциите“, но и покрај сите напори, од „надлежните“ немаше никаква повратна реакција.

Единствениот аргумент со кој се служат пропонентите на овој проект е дека морската плажа на езеро ќе го поттикне туризмот и ќе ја заживее економијата во Охрид. Но, токму оние на кои тоа им е работа во Охрид – туристичките кластери и туристичките асоцијации – го тврдат спротивното. Така на пример, официјални претставници од најголемиот туристички кластер во РМ, туристичкиот кластер на југозападна Македонија „ЕДЕН“, гласно и остро се противат на овие неприродни и застарени модели на „елитистички“ туризам за кои во Охрид ниту има услови ниту има место. Тие стравуваат дека ваквите и слични „проекти“ ќе значат повеќегодишно уназадување на нивниот труд кон промовирање на алтернативниот еко-туризам – вид на туризам кој се одвива во текот на целата година и е најисплатлив модел на туризам во светот. Ако ваквиот туризам пушти цврсти корења во Охрид ќе отвори многу работни места кои за разлика од „елитистичките проекти“ нема да бидат во услужната дејност. Младите охриѓани ќе имаат шанса да го работат она за што се школувале, а нивниот труд ќе биде вистински вреднуван.

Без оглед која гарнитура била на власт во Охрид, градот и околината упорно и постојано се деградирани, бетонизирани и „урбанизирани“, секојпат со ветувања и под изговори дека тоа ќе ја подобри економијата и ќе отвори повеќе работни места (за чистачки и носачи на гајби!), а, сепак секоја година сме сведоци на сè поголем бран иселувања. Охрид во последните десет години стана град на духови; затоа време е да се оттргнеме од слаткоречивите „инвеститори“ и да го оставиме нашиот бисер да привлече туристи како што најдобро знае – со својата природна убавина која ја нема на ниедно друго место во светот“, се вели во соопштението на активистите на Граѓанска иницијатива Охрид SOS.

Би можело да ве интересира

Две момчиња се тешко повредени во сообраќајка во Охрид

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со македонисти од 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Предраг Петровиќ

Четворица повредени со сообраќајка во Охрид

Повторно пожар на депонијата „Мауцкер“ кај Охрид

Предраг Петровиќ

Љутков: Во наредниот период Охрид ќе стане центар со 365 денови културен туризам

A1on

Езерската полиција спасила две малолетни лица во водите на Охридското Езеро

Предраг Петровиќ