„ВМРО-Народна партија и во оваа прилика изразува задоволство од досегашната соработка со одредени медиуми и спремни сме и понатаму со должна почит и благодарност, уште повеќе да ја развиваме.
Никогаш нема да се согласиме со цензура од било кој, врз било кого и секогаш ќе го браниме слободното новинарство и мисла. Но, не можеме да се воздржиме на коментарите на некои ценети медиуми кои даваат сопствени заклучоци за намерата и пораките на нашите соопштенија иако не ги објавиле, со што не ги удостоиле своите читатели да донесат сопствено мислење. Сепак, прашуваме дали ова не наликува на блага цензура кон нашата партија.
ВМРО-Народна партија со својата оригиналност, идеолошка определеност, препознатливост и понатаму трајно останува на основните вредности што ги поседува и не подлегнува на никакво влијание од било кого. Нашата главна цел е навремено кажување на вистината без разлика како ќе биде прифатена, какви реакции ќе има кај граѓаните и какви последици ќе има врз рејтингот на партијата.
Иднината на Македонија, нејзината евроатлантска интеграција, стабилноста и економскиот просперитет, се наша основна политичка цел.
ВМРО-Народна партија и понатаму го задржува своето суверено право да коментира, да дава оценки и да предлага конкретни решенија за разрешување на одредени проблеми. Убедени сме дека економските проблеми се далеку посуштествени и решавањето на истите ги обединува сите граѓани на Р.Македонија. За разлика од ова, непобитен факт е дека таканаречените бомби внесоа невиден раздор помеѓу македонските граѓани со тешки последици по иднината на Р.Македонија, независно од која страна се коментираат“, се вели во соопштението на ВМРО-НП.