Над 2.300 припадници на Министерството за внатрешни работи, хеликоптери, снајперисти се ангажирани за редот на фудбалскиот натпревар Албанија-Србија, кој се оценува како натпревар од голем ризик. Новиот фиудбалски стадион во Елбасан „Елбасан арена“ каде вечерва треба да се одигра натпреварот речиси е блокиран од големи полициски сили, со цел да се спречи и најмал инцидент.
Албанските власти ги презедоа сите потребни мерки, па така на секој билет има име и презиме на купувачот а влегувањето ќе биде потврдувано со документ за идентификација, односно лична карта или пасош.
Поради каменувањето на автобусот со кој патуваа српските фудбалери од тиранскиот аеродром до хотелот „Шератон“ каде што се сместени, српското МНР упати протесна нота до албанскиот амбасадор во Белград Илир Бочка, но тој не ја примил со образоложение дека тоа не е вистина. Сепак оваа негова изјава ја демантира самата албанска полиција, која со соопштение потврди дека навистина врз автобусот е фрлано со камења, при што освен искршени прозорци за среќа нема повредени.
Албанскиот министер за внатрешни работи Саимир Тахири изјави дека обезбедувањето е максимално за да се спречи секој обид за инциденти.
Полицијата исто така потврди дека синоќа е упасен Исмаил Морина, алијас Балист Морина, кој го пушти дронот со знаме на „Голема Албанија“ на натпреварот Србија-Албанија, на 14 октомври 2014 година. Кај него е пронајден пиштол кој го поседувал без дозвола, 30 куршуми како и 32 фалсификувани билети за фудбалскиот натпревар.
Билетите за натпреварот кои чинеа 15 долари се препородаваат и по цена од 500 до илјада евра.